Фото: Твитер/НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во Анкара упати апел „веднаш“ да се интегрираат Шведска и Финска во Северноатлантската алијанса.

– Сега е време да се ратификува истовремениот прием на Финска и Шведска како членки на НАТО – истакна Столтенберг на прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Додека Чавушоглу посочи дека Турција може одделно да ги разгледа финската и шведска кандидатура.

Шефот на турската дипломатија посочи дека за прашањето за кандидатурите на Шведска и Финска ќе разговара со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој идната недела ќе ја посети Турција.

Тој исто така наведе дека со Блинкен ќе разговара и за билатералните односи и руската инвазија врз Украина.

Столтенберг најави и дека НАТО ќе гради привремени засолништа и планира да испрати десетици илјади шатори во Турција во наредните денови и недели.

– Ова е најсмртоносната природна катастрофа на територија на НАТО од создавањето на Алијансата – посочи Столтенберг, додавајќи дека Алијансата ќе ги искористи своите стратешки способности за воздушен транспорт за транспорт на потребната помош.

Само во Турција, минатонеделните разорни земјотреси урнаа или сериозно оштетија повеќе од 50.000 згради во 10 окрузи во јужниот и југоисточниот дел на земјата. Според најновите податоци, во Турција загинале 36.187 лица.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган делумно се спротивставува на кандидатурата на Шведска, со образложение дека Стокхолм пружа засолниште на членови на Курдиската работничка партија (ПКК), која Турција, ЕУ и други држави ја сметаат за терористичка група.

Ердоган на почетокот на февруари истакна дека турскиот Парламент може да го ратификува влезот на Финска, но не и на Шведска.


Конфронтацијата со Русија може да трае со години, истакна генералниот секретар на НАТО

НАТО мора да се подготви за долга конфронтација со Русија, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин не покажува желба за мир една година по инвазијата на Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Мораме да бидеме подготвени на долг рок, тоа би можело да потрае многу, многу години – изјави Столтенберг.

Тој додаде дека Путин „сака поинаква Европа во која ќе може да ги контролира своите соседи, каде што ќе може да одлучи што можат да прават земјите“.

Столтенберг рече дека 30-те земји членки на НАТО се порешителни Украина на крајот да победи.

– Тука сме за да обезбедиме Украина да победи во оваа војна и да ѝ обезбедиме оружје, муниција и поддршка што и се потребни. Ако претседателот Путин победи во Украина, тоа ќе биде трагедија за Украинците. Но, исто така ќе биде опасно за сите нас, бидејќи тој и другите авторитарни лидери ќе бидат убедени дека можат да ги постигнат своите цели кога ќе употребат воена сила – додаде Столтенберг.