Москва го објави списокот на држави и територии што не ги смета за пријателски

Руската влада вчера го објави списокот на „непријателски држави и територии“. Во образложението на официјална Москва, земјите и териториите споменати на нејзиниот список се „оние што воведоа или се придружија на санкции против Русија по почетокот на специјалната воена операција на руските вооружени сили во Украина“. На списокот се наоѓа и Македонија, а други земји од регионот се Црна Гора и Албанија.
Освен нив, „непријателски држави“ на Русија се САД, Канада, земјите од ЕУ, Велика Британија (вклучувајќи ги Џерси, Ангвила, Британските Девствените Острови, Гибралтар), Украина, Швајцарија, Андора, Исланд, Лихтенштајн, Монако, Норвешка, Сан Марино, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван, која, според руските медиуми, се смета за територија на Кина, но под управа на сопствена администрација од 1949 година.
Се наведува и дека овие земји спроведуваат непријателски дејства против Русија, нејзините компании и граѓани.
Владата во Москва напомена дека, според оваа уредба, руските граѓани и компании, самата држава, нејзините региони и општини што имаат девизни обврски кон странските доверители од списокот на непријателски земји ќе можат да ги плаќаат во рубли. Новата привремена постапка се применува за плаќања од повеќе од 10 милиони рубли месечно (или сличен износ во странска валута).
Ваквата уредба стапи во сила откако рускиот претседател Владимир Путин во саботата потпиша декрет со кој руската влада треба да формира список на земји што преземаат „непријателски акции“ против Русија во рок од два дена.
Путин му нареди на Кабинетот на министри да состави список на земји што ја санкционираа Русија, нејзините компании, организации и поединци во следните два дена – објавија руските медиуми.

Путин во саботата го потпиша и декретот „За привремени правила за исполнување на обврските кон некои странски кредитори“, како што соопшти прес-службата на Кремљ. Уредбата привремено им дозволува на руските компании да вршат плаќања во руска валута на доверителите од земјите што учествуваат во „непријателски активности“ против Руската Федерација.
Во врска со најновата одлука на руската влада, побаравме мислење од долгогодишниот дипломат Драган Јањатов.
– Мислам дека поинаков одговор и не можевме да добиеме. Во повеќе наврати нашите официјални претставници, без никаква задршка, даваа изјави во врска со кризата, а потоа се повлекуваа или се правдаа. Треба да се каже дека сето ова во голем дел е иницирано од наша страна. Умешноста на малите земји е во знаењето и вештините за дипломатска еквилибристика, а сѐ заради и во функција на својата држава и своите граѓани. За жал, ние го немаме тоа. Ние излеговме со осуда на едната страна и нормално е дека следуваат контрамерки – ни изјави поранешниот амбасадор.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нашиот соговорник ставањето на Македонија на најновата листа на Москва го толкува со давањето избрзани, неодмерени изјави, без да се знае генезата на проблемот.

– Путин со овој проблем на Донбас се расправа од 2014 година и не може да си дозволи неговите сонародници во Украина, кои се 47 проценти од населението, да ги остави без заштита. Русија не е како Македонија, која ги заборави своите сонародници во Егејска и во Пиринска Македонија. Накратко кажано, таа само си ја штити својата територија. А за лицемерството на другата страна, што може да кажам? На пример за НАТО само би прашал зошто НАТО не се шири во Јужна Америка? Затоа што тука каде што сака да влезе земјата е богата со злато, со дијаманти, со плодна почва. Се разбира, јас сум пацифист, не сум за војна и сметам дека војната никако не е решение, но како велат – кога ќе дојде ножот до грло, не остануваат многу можности за реакција. Знам дека има најразлични толкувања и гледања на проблемот, но работите треба да се гледаат објективно. И двете страни „си го зеле делот“, како што се вели. И сосема за крај, сакам да кажам дека ова што сега го гледаме е само врвот на ледениот брег, дека воопшто не ја гледаме целосната и вистинска слика од случувањата во кризните подрачја – ни изјави Јањатов.


Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера имаше брифинг со новинарите во врска со објавата на руската амбасада во Скопје од 5 март. Брифингот случајно се совпадна со објавувањето на списокот на непријателски земји од страна на Владата на Руската Федерација што вчера пристигна директно од Москва.
Инаку, што се однесува до самиот брифинг, тој се однесуваше на објавата на руската амбасада за евидентирање случаи на русофобија, а која министерот Османи ја оквалификува како непристојна и класична закана, објавена во сите земји во Европа.

– Објавата ја интерпретираме како закана што е надвор од нормалната дипломатска комуникација меѓу две држави – рече Османи.

На прашањето како ќе реагира државата на ваквата закана, тој кажа дека на координативен состанок ќе се заземе став за оваа објава, а во однос на евентуалното протерување на рускиот амбасадор од земјава, рече дека „Македонија ги координира своите чекори со ЕУ и НАТО“ и ќе се разгледува прашањето дали тоновите од руската амбасада се прекршување на Виенската конвенција.

– Ако имаме податоци за нарушување на Виенската конвенција, ќе постапиме билатерално, но сите одлуки се во координација со ЕУ – додаде Османи.