Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ползувајќи ја актуелната повеќеслојна криза, бирократијата на ЕУ бара „драматично зголемување на формалноправните интервенционистички овластувања и алатки за извршен инструментариум на европската влада“. Во објаснувањето на нивните предлози, експертите на ЕК се осврнуваат не само на моменталната глобална геополитичка тензија туку и на посебни ситуации, како што се прекини на синџирот на снабдување предизвикани од заклучувањето за време на пандемијата. Експертите анализираат дека со доделувањето вакви прерогативи, Европската комисија ќе има можност да спроведува (диктира) своја политичка волја, игнорирајќи ги темелните принципи на демократското одлучување

ФТ: Брисел сака интервенционистички овластувања и авторитарен извршен инструментариум за Европската
комисија

Европската комисија предлага воведување нови законски решенија што ќе ѝ дадат овластување да прогласи вонредна состојба во Европската Унија. Во суштина, ова е клучната идеја на правните нацрт-решенија што новинарите на „Фајненшл тајмс“ имаа можност да ги видат и коментираат. Желбата на бриселската администрација е да добие невидени интервенционистички овластувања, односно право на диктат, што досега не е видено над нивоата на поединечни земји-членки.
Во објаснувањето на нивните предлози, експертите на ЕК се осврнуваат не само на моменталната глобална геополитичка тензија туку и на посебни ситуации, како што се прекини на синџирот на снабдување предизвикани од заклучувањето за време на пандемијата. Според идеите на Брисел, нивната бирократија би имала право да им нареди на бизнисите да складираат резерви, како и да ги прекршуваат деловните договори, сѐ со цел да се обезбеди соодветно снабдување, односно она што ЕК смета дека е неопходно. Во основа, бирократите на ЕК замислуваат дека правото да се прогласи вонредна состојба ќе им овозможи да активираат низа интервенционистички мерки, кои ќе спречат недостиг или колапс на испораките во критичните индустрии. Се разбира, овој интервенционистички концепт насочен кон заштита на единствениот пазар со шокови во понудата во голема мера ја шокира европската деловна заедница.

Загриженост кај работодавачите

– Би биле многу загрижени доколку овој предлог се усвои во оваа интервенционистичка форма – рече Мартинас Барисас, директор за меѓународни пазари во „Бизнис Јуроп“, здружение што претставува голем број работодавачи. Според неговото мислење, не е прифатливо на комисијата да ѝ се даде право да ги поништи постојните закони, да ги принудува компаниите да откриваат комерцијално чувствителни информации, да споделуваат производи од резерва или да нарачуваат производство по диктат на комисијата.
Најголема грижа на работодавачите се т.н „наредби со приоритетни стапки“, односно можни налози од комисијата, според кои, компаниите ќе го произведуваат и ќе го продаваат она што им е нарачано, при што, доколку е потребно, ќе ги прекршуваат постојните договори со своите клиенти. Барисас тврди дека нема ништо против механизам што би спречил повторување на нарушувањата предизвикани од заклучувањето за време на пандемијата, кога одредени земји ги затворија границите и го ограничија извозот, но тој смета дека предлогот на комисијата во оваа форма е премногу наметлив.
Во Европската комисија има силно противење на овој план од Тјери Бретон, шеф на Комисијата за внатрешен пазар на ЕУ. Имено, „Фајненшел тајмс“ цитира неименуван претставник на ЕУ, кој вели:
„Инструментот беше наменет за справување со ризикот од фрагментација на единствениот пазар во случај на настан како што е криза од големи размери. Но сега таа прераснува во октопод на планираната економија, која ги опфаќа глобалните синџири на снабдување со своите пипала и ги контролира“.
Според сегашниот предлог, комисијата прво би прогласила состојба на будност, по што би можела да побара од компаниите информации за синџирите на снабдување и за потрошувачите. Исто така, може да побара од владите-членки да изградат стратегиски резерви, па дури и да наметнат налози за извршување и казни. Во втората фаза, по одобрението од членовите, комисијата би добила директни овластувања за пазарните активности и обезбедувањето стоки, а спроведувањето би се обезбедило со казни, кои сѐ уште не се прецизирани. На пример, во моментов, претставниците на ЕУ би можеле да бараат да го решат прашањето за производството на вештачки ѓубрива, откако високата цена на гасот го урна нивното производство за 70 проценти.

Американски рецепт

Инспирацијата на бирократите на Европската комисија, која не ја кријат, потекнува од американскиот акт за одбранбено производство, а јасно е дека нивните намери немаат никаква врска со производството на јогурт и слични производи за општа потрошувачка.
Во секој случај, впечатокот е дека бирократите на ЕУ ја користат кризата како можност и бараат драматично зголемување на интервенционистичките овластувања, иако не се изразија претерано во деловната координација на членките на ЕУ, што може да обезбеди дел од решението дури и без новосоздадениот диктаторски интервенционизам.
На крајот на краиштата, факт е дека и на национално ниво има момент на интервенционизам без слични примери од Втората светска војна, што може да донесе сосема непредвидливи последици за европските пазарни економии. Но имајќи предвид дека сегашната геополитичка ситуација наликува на војна, логично е дека во вакви сценарија државите се обидуваат да го компензираат она што пазарите не можат да го направат во такви вонредни услови на живот и бизнис. Невообичаено е, и за првпат во глобалната историја, што една наднационална институција – Европската комисија – сака да ги стекне правата на интервенционистички диктат за време на вонредни состојби.
На крајот на краиштата, во моментов се прават обиди за серија интервенционистички експерименти со јасни цели, но многу нејасни можни последици на планетарно и на голем број национални нивоа.
На пример, моќната група на земји Г7 се согласи на механизам за да се обиде да ја ограничи цената на руската нафта и масло. Се зборува за низа мерки што ќе ја ограничат цената на руската нафта во опсег од 40 до 60 долари за барел, што изгледа малку како бајка ако моментално, на пример, Саудиска Арабија продава нафта по 94 долари за барел и нема намера да го зголеми производството за да му помогне на Западот во намалувањето на инфлацијата. Некои експерти предупредуваат дека Русија едноставно нема да продава нафта во опсег од 40 до 60 долари, што може да доведе до уште поголема глобална експлозија на цената на клучниот извор на енергија.
И на национално ниво, властите се обидуваат да бидат интервенционистички инвентивни. Затоа Германците одлучија да воведат посебен данок на добивката на производителите на електрична енергија, со цел да финансираат огромен пакет помош од 65 милијарди евра, кој треба да се однесува на ранливите групи потрошувачи. Скандинавските земји, од друга страна, обезбедија чудесни финансиски суми за да обезбедат ликвидност за нивните производители на енергија. Шведските власти во текот на викендот соопштија дека издале гаранции од 23 милијарди евра за нордиските енергетски компании за да избегнат можни технички проблеми. Во неделата, Финска излезе со пакет од 10 милијарди евра заеми и гаранции за заштита на компаниите што обезбедуваат суштинско функционирање на општеството.

Подготвил: Mарјан Велевски