Доналд Трамп (лево) и Џеј-Ди Венс на републиканската национална конвенција - Фото: ЕПА

ПРВО ЈАВНО ПОЈАВУВАЊЕ НА ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД, ДОНАЛД ТРАМП, ПО АТЕНТАТОТ ВРЗ НЕГО

Трамп официјално стана републикански претседателски кандидат откако ги доби гласовите од доволен број делегати на конвенцијата, а претходно на својата онлајн платформа, т.н. Мрежа за вистината, објави дека негов избор за потпретседател ќе биде сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс

Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп беше во центарот на вниманието при своето прво јавно појавување по два дена откако имаше обид за атентат врз него. Трамп беше присутен на отворањето на републиканската национална конвенција во Милвоки, при што видлива беше белата преврска преку неговото десно увото повредено од куршум при пукањето за време на негов изборен митинг минатиот викенд.
Трамп официјално стана републикански претседателски кандидат откако ги доби гласовите од доволен број делегати на конвенцијата, а претходно на својата онлајн платформа, т.н. Мрежа за вистината, објави дека негов избор за потпретседател ќе биде сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс. Венс беше жесток критичар на Трамп во 2016 година, но подоцна стана еден од неговите најжестоки бранители. Политичките убедувања на Венс се спој од изолационизам и економски популизам, во спротивност со старата гарда на Републиканската партија, каде што „надмоќ имаат јастребите во надворешната политика и евангелистите на слободниот пазар“, како што пишуваат светските медиуми.

Трамп му се придружи на Венс на конвенцијата, додека толпата скандираше „борба“, истото што Трамп го извика неколкупати, со високо подигната стисната тупаница, додека агентите на Тајната служба го евакуираа од бината во Батлер, Пенсилванија, по извршениот атентат врз него, кој, за среќа, беше неуспешен.

Трамп е номиниран како претседателски кандидат на Републиканската партија за третите последователни избори, на кои во ноември ќе се соочи со актуелниот американски претседател Џо Бајден во трката за Белата куќа. Р.С.