Кремљ денеска предупреди дека има список на американски и европски имоти што ќе бидат запленети доколку лидерите на Г7 ги конфискуваат замрзнатите 300 милијарди американски долари на руската централна банка.
– Лидерите на седумте најиндустриски развиени земји ќе разговараат за нова правна теорија на состанокот во февруари што ќе овозможи заплена на руски имот – изјавија во четвртокот два извора, а потврди неименуван британски функционер.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека таквиот потег на Западот ќе претставува „кражба“, кршење на меѓународното право и загрозување на резервните валути, глобалниот финансиски систем и светската економија.
– Тоа би било голем удар за главните параметри на меѓународната економија, тоа ќе ја поткопа меѓународната економија. Исто така, ќе ја поткопа довербата на земјите во САД и ЕУ како економски гаранти. Затоа, ваквите постапки носат со себе многу, многу сериозни последици – рече Песков.
Тој потврди и дека постои список на западни имоти кои Русија би ги запленила во знак на одмазда, но не прецизираше за кои имоти и средства станува збор.
Откако претседателот Владимир Путин испрати војници во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, замрзнувајќи околу 300 милијарди долари руски средства на Запад. Некои западни политичари бараат замрзнатите руски средства во вредност од околу 300 милијарди долари да и бидат предадени на Украина за да ја обнови нејзината економија опустошена од војната.