Фото: МИА

Државниот санитарен и здравствен инспекторат предлага на министерот за здравство формирање на Комисија за стручен надзор со цел утврдување дали има пропусти во лекувањето и третманот на пациентката која заврши со смртен исход, се вели во соопштението на Државниот санитарен и здравствен инспектор, откако инспектори направија инспекциски надзор по смртта на родилката од Делчево на КАРИЛ во Скопје, а која била донесена во лоша здравствена состојба од штипската Клиничка болница.

Во соопштението се објаснува дека на 28 и 29 декември извршен е вонреден инспескциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница Штип и ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ – ОЕ КАРИЛ Скопје во врска со лекувањето и третманот на родилката С.С од Делчево при што согласно надлежностите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од увидот во медицинската еиденција и документација е констатирано дека пациентката С.С. од Делчево во 39-та недела од бременост, со упат од својот матичен гинеколог, креиран на 22 декември, со приоритет за следење на нормална бременост до породување, во добра општа состојба се јавила на преглед во приемната акушерска амбуланта на одделот за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Клиничка болница Штип на 26 декември во 10.21 часот.

– Од страна на докторот во приемната акушерска амбуланта – раководител на гинеколошко – акушерскиот оддел, извршен е гинеколошки преглед, ЦТГ запис, преглед со ултразвук при што е утврдено намалување на плодовата течност поради што родилката веднаш, во 10.22 часот, е примена на акушерското одделение за следење се до породување. Постапувајќи по воспоставен протокол за прием, родилката С.С од приемната амбуланта во придружба на болничар при сместување во болничката соба колабирала при што поради низок притисок и непалпабилен пулс веднаш бил повикан анестезиолог, започнато со инфузиона терапија, земена крв за биохемиски анализи, за определување на крвна група и РХ-фактор, интерреакција, хемостаза и д-димери. Од направениот ЦТГ-запис бил констатиран fetal distress поради што итно е одлучено дека е потребно да се изврши породување со царски рез поради што родилката во 10.30 часот е внесена во акушерката операциона сала, интубирана со спроведување на нејзина реанимација и започната секција на абдоменот по слоеви – се вели во соопштението на ДСЗИ.

Во него се наведува дека по извршената секција на абдоменот за породување со царски рез било утврдено присуство на голема количина на крв и коагулуми во абдоминалната празнина поради што била повикана хирушка екипа при што е одлучено најпрвин да се изврши итна екстракција на плодот која е спроведена во 10.45 часот при што е родено живо женско дете со низок апгар.

-Веднаш по извршеното породување на плодот од страна на тимот составен од четворица хирурзи продолжена е хируршка интервенција во абдоминалната шуплина при кое по евакуирање на голема количина на крв и коагулуми било утврдено дека крварењето потекнува од крвен сад во близина на хилусот на слезената при што е направено негово подврзување, потоа е спроведена лаважа на абдоминалната празнина и по 15 минути откако состојбата се стабилизирала (стабилен крвен притисок) извршено е затварање на абдоменот и воспоставување на дренажа со поставување на два дрена. По краткотрајното стабилизирање на крварењето, истото продолжило од поставената дренажа поради кое пациентката запаѓа во хеморагична шокова состојба, па повторно хирушки е интервенирано со одстранување на слезената, направена е тампонада околу црниот дроб и местото на одстранетата слезена – пишува во соопштението на ДСЗИ.

Поради влошување на хеморагичната шокова состојба на пациентката и покрај ординирање на потребната терапија и супституција во периодот од 10.35 часот до 15.08 часот на 26 декември колегиумот доктори (специјалисти по гинекологија, хирургија и анестезија) одлучуваат пациентката со болничко возило да биде пренесена на понатамошно лекување на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ – ОЕ КАРИЛ -Скопје.

Пациентака е донесена во ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ ОЕ КАРИЛ Скопје на 26 декември во 16.20 часот. На прием со тензија немерлива, тахикардична. Веднаш по приемот отпочнато со интензивно лекување, поставена на механичка вентилација, продолжено со инотропна поддршка со максимални дози, земени примероци за лабораториски и гасни анализи, хемостаза, крвни групи и вирусни маркери. За време на престојот биле реализирани следните иследувања: РТГ на граден кош и срце, ЕХО на абдомен, лабораториски и гасни анализи, хемостаза, давана терапија согласно протоколи, се вели во соопштението.

Повикани биле и доктори специјалисти од областа на гастроентерохепатологија, абдоминална хирургија, гинекологија и акушерство за конзилијарно мислење. И покрај преземени мерки за реанимација пациентката починала на 26 декември во 23 часот. Од страна на ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ поднесено е барање до ЈЗУ Институт за патологија за обдукција на починатата пациентка. Додека нејзиното новороденче е хоспитализирано на Детската клиника во Скопје.