Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на годишниот брифинг за 2023 година истакна дека во текот на оваа година се бележи намалување на криминалот за осум проценти и дека сузбиени се 13 криминални групи со над 100 лица. Како главни случувања на годината ги спомна јубилејната 50. Европска регионална конференција на Интерпол што се одржа во Охрид, како и министерскиот состанок на ОБСЕ што се одржа во Скопје.

– Статистиката говори за континуитет во намалувачките трендови на криминалните области, поточно годинешниот просек говори за намалување на вкупниот криминалитет за осум проценти, наспроти ланските шест проценти, со постигната ефикасност на полицијата од околу шеесет проценти. Сузбиени се вкупно 13 организирани криминални групи во кои членувале над 100 лица, за недозволена трговија со дрога, оружје, криумчарење мигранти, културно наследство, но и злоупотреба на службена положба и перење пари, а во делот на спречување на корупција откривме околу 120 кривични дела, „тешки“ 350 милиони денари – посочи министерот Спасовски.

Посочи дека се бележи зголемување и кај откриените кривични дела од организиран криминал, криумчарење на мигранти, заплените на оружје, а зголемена е ефикасноста и во борбата со недозволената трговија со дрога, додека, како што кажа, генерално намалување има кај имотните деликти, особено тешките кражби и разбојништвата, како и прекршоците од јавниот ред и мир и додаде дека се постигнати одлични резултати и во спречување на организираниот криминал и шверцот со наркотици.

Спасовски исто така ги спомна и управувањето со миграциските токови, усогласувањето на правната рамка за миграција со Меѓународната конвенција за мигранти, борбата против тероризам, спречувањето на трговијата со дрога, каде што рече дека се бележи голем напредок.

-Токму напредокот во управувањето со миграциските текови беше нотиран и во Извештајот за напредокот на ЕК, во делот на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, чиј носител е МВР, како и усогласеноста на правната рамка за миграција со стандардите на ЕУ. На мое задоволство во него е забележан и напредок во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, потоа континуитет во добрата оперативна соработка во борбата против организираниот криминал со земјите-членки на ЕУ, соседните земји кои не се членки на ЕУ, Европол и Европравда, како и позитивен тренд во спречувањето на трговијата со дрога – нагласи Спасовски.

Со реформските процеси на оперативно рамниште, како што информираше министерот, 2023 година се завршува со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, со инвестирани 17 милиони евра, но отпочнат е реконструкциски зафат на Управните служби во МТВ, како и основни подготовки за отпочнување на активности во Центарот за обука во Идризово.

– Покрај реконструкциите, годинава можеме да се пофалиме и со два нови објекти, по веќе функционалниот ИКТ Центар во Прилеп, а тоа се –  најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба од темел ја отпочнавме – истакна министерот Спасовски.

Рече дека извршена е и комплетна модернизација на Хеликоптерската единица, меѓу другото, и со ведро и систем за гаснење пожари, кои само годинава оствариле 33 летови, со налет од 98 часа и исфрлени 936 тона вода за гаснење на пожари.

Тој исто така ги спомна и зголемувањето на платите на вработените во МВР, а исто така информираше дека со претседателот на МПС денеска е потпишан изменетиот и дополнет Колективен договор на МВР со кој е извршено усогласување со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор на задоволство на вработените кои од годинава веќе добиле регрес за годишен одмор за 2023.