Фото: МОН

Во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава од второто полугодие на учебната година ќе се применува електронскиот дневник (Е-дневник) како пилот-проект, додека не се отстранат евентуални слабости за да биде применлив во сите училишта, најави ресорниот министер Јетон Шаќири.

Пред неколку години целосно беше повлечена хартиената форма на дневникот и воведен Е-дневник, но се појавија проблеми во функционирањето – пад на системот поради што податоците требаше да се воведуваат постепено и во периоди.

По реакции на наставниците, повторно беше воведен хартиениот дневник, а воедно почна и ИПА-проект за креирање нов електронски дневник.

– Новиот Е-дневник ќе биде поажуриран, полесно достапен и пристапен. Во претходните три месеци имаше презентација на електронскиот дневник до сите наставници во основно и средно образование и од тие наставници произлезе дека новиот Е-дневник е поподготвен од претходниот Е-дневник – изјави Шаќири.

Додаде дека МОН обезбедило база на податоци подобра од претходната база на стариот дневник. Како што рече, за да почне да се реализира, одлучиле постепено да се воведува во неколку пилот-училишта од второто полугодие.

– Затоа што не сакаме веднаш, со префрлувања на сите податоци во новиот Е-дневник да создадеме систем кој ќе биде проблематичен во функционирањето. Мислам дека со тие 40 училишта каде што ќе го воведеме како пилот проект ќе знаеме каква е разликата и што треба да се работи понатаму. Е-дневникот треба што повеќе да се поврзува со другите системи кои даваат резултати, како системот за запишување во основно и средно, за стипендии итн – истакна Шаќири.

Кога ќе биде применлив во сите училишта, рече, зависи од економскиот оператор што ги прави последните тестирања на новиот Е-дневник.