Мохамед Хамдан Дагало/Фото: Принтскрин

Се верува дека Мохамед Хамдан Дагало, познат и како Хемедти или „малиот Мохамед“, првпат се борел во рамки на суданската арапска милиција Џанџавид, во Дарфур, откако десетина членови на неговото семејство биле убиени во оружен напад, пишува британски „Гардијан“.

По напуштање на училиштето и занимањето со трговија со камили, генералот чии паравоени Сили за брза поддршка (РСФ) моментно се борат против суданската армија лојална на Абдел Фатах ал-Бурхан, стана озлогласен во африканската држава.

Напредувајќи низ ранговите во милицијата Џанџавид за време на војната во јужен Дарфур од 2003 до 2005 година, во која се проценува дека загинаа 300 илјади луѓе, Дагало командуваше со бригада што го привлече вниманието на тогашниот диктатор Омар ал-Башир, од кој беше ангажиран.

Дагало потоа го предводеше бунтот против Башир во текот на 2007 и 2008 година, при кој ги повлече своите сили и се бореше против армијата, пред склучување на договор со владата со кој беше промовиран во генерал.

Потоа во 2013 година, Дагало ги оформи РСФ околу јадро на Џанџавид, со првична цел за борба против Народната армија за ослободување на Судан. Овој потег претставуваше основа за неговото подоцнежно стекнување на моќ. Генералот набргу потоа присвои рудници на злато од ривалскиот племенски водач во Дарфур.

– Не сум првиот човек што има рудници на злато. Тоа е вистина, имаме рудници на злато и ништо не нѐ спречува да работиме со злато – кажа своевремено Дагало во изјава за „Би-би-си“.

Дагало регрутираше и борци од Дарфур за да се борат како платеници во Јемен во 2015, што му донесе уште еден богат извор на приходи.

Во револуцијата во 2019 година, Дагало се приклучи кон Бурхан, против кого сега војува, за да му се спротивстават на Башир.

Дагало и Бурхан заземаа водечки позиции во Суверен совет составен од армиски генерали што раководи со Судан по воениот удар во 2021 година. А се смета дека Дагало веќе извесно време има цел да ја преземе власта врз Судан.

Тензиите помеѓу армијата и РСФ ескалираа по пролонгирањето на договорот за повторна демократизација на Судан, постигнат по воениот удар во 2021 година. Судирите избија поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт во Судан. РСФ и суданската армија изминатиот викенд потврдија дека биле нападнати нивните позиции во судирите во главниот град на Судан, Картум.

– И Дагало и Бурхан калкулираа дека борбата за лидерската позиција е рамноправна, па тргнаа еден против дру, а за жал, суданскиот народ може само да набљудува додека двата воени лидера се борат до крај – вели Адел Абдел Гафтар, директор на програмата за надворешна политика и безбедност во Советот на Блискиот Исток за глобални прашања, во изјава за „Ал џезира.“

Најмалку 185 луѓе се убиени, а 1.800 се ранети од почетокот на конфликтот во Судан, соопшти денеска претставникот на Обединетите нации, Волкер Петерс.

Експлозиите и истрелите одекнуваат во Картум, а граѓаните на суданската престолнина и другите градови во таа земја трет ден по ред се затворени, додека армијата и моќната ривалска група се борат на улиците во битка за контрола на земјата.

САД, ОН и други повикаа на прекин на огнот. Египет, кој ја поддржува армијата на Судан, и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои воспоставија блиски врски со РСФ откако испратија илјадници борци да ја поддржат нивната војна во Јемен, исто така ги повикаа двете страни да се повлечат.