Ако за Сирски се достапни мноштво податоци, многу помалку информации постојат за неговите соработници – засега се обелоденети имињата на десетмина од нив, кои сега го формираат врвот на украинските вооружени сили
Тектонски промени во украинскиот воен врв по разрешувањето на генералот Валериј Залужни
Смената на генералот Валериј Залужни од позицијата врховен командант на украинските вооружени сили, на 8 февруари, значеше наедно и експресно разрешување на речиси сите негови соработници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски за нов врховен командант го назначи Олександар Сирски, а генералот Анатолиј Баргилевич ја презеде функцијата началник на украинскиот генералштаб. И додека за Сирски се достапни мноштво податоци, многу помалку информации постојат за неговите соработници – засега се обелоденети имињата на десетмина од нив, кои сега го формираат врвот на украинските вооружени сили и ќе ја водат борбата против Русија.
1. Тенкистот Анатолиј Баргилевич
За најважен меѓу новонаименуваните носители на највисоките воени функции се смета Анатолиј Баргилевич, кој има 54 години и дипломирал на Високата тенковска школа во Ташкент, како и на Универзитетот за национална одбрана на Украина. Како и Сирски, тој исто така беше обучен во СССР, а пред да биде назначен за началник на Генералштабот, тој беше командант на силите за територијална одбрана на украинските вооружени сили. Кога започна војната во источна Украина во 2014 година, тој служеше како началник на Одделот за оперативна обука на главната оперативна администрација на генералштабот, а во 2022 година стана началник на штабот на оперативно-стратегиската воена група Хортица, чија зона Одговорност беше источниот сектор на фронтот, а командант на групата беше Олександар Сирски. Баргилевич на таа функција беше речиси година и пол, по што беше назначен за командант на територијалната одбрана.
Порталот „Украинска правда“ објави дека најуспешниот проект на одбранбените сили – програма за обука на воениот персонал развиена според стандардите на НАТО – по доаѓањето на Баргилевич, е префрлен на раководството на Воениот институт на националниот универзитет „Шевченко“ во Киев. Покрај тоа, тој, наводно, сака да вклучи единици за територијална одбрана во украинската армија, иако нивните членови не се соодветно обучени за војување во првите редови.
2. Олександр Пављук, командант на копнените сили на Украина
Олександр Пављук беше назначен на исклучително важната позиција за командант на копнените сили, во која служат 600.000 војници и офицери, заземајќи позиција на која досега беше генералот Сирски. Пављук ја започна својата воена кариера во 1991 година по дипломирањето на Вишата тенковска команда на гардиската школа „Харков“. Од 2006 до 2007 година командувал со украинските мировни сили во Косово, а од 2014 година учествувал во битките за Славјанск, Лиман, Краматорск, Лисичанск и други градови во Донбас, а потоа држел и неколку командни пункта.
Само еден месец пред почетокот на војната во 2022 година, Пављук во интервју за „Тајмс“ изјави дека руските трупи би можеле да извршат напад не само во Донбас туку и да се обидат да ја освојат цела Украина. Во март тој беше назначен за шеф на Киевската регионална воена управа. Тој беше одговорен за организацијата на одбраната и снабдувањето на главниот град на Украина, а соговорниците на „Украинска правда“ тврдат дека тој добро ја завршил работата.
3. Специјалецот Ихор Скибјук
Ихор Скибјук, 48-годишниот командант на елитните сили за воздушен напад, е еден од најмалку познатите луѓе назначени да ги предводат украинските вооружени сили. Познато е дека служел во 80-та галициска воздушна јуришна бригада, која поминала низ речиси сите точки на руско-украинската војна – од битките кај Славјанск во април 2014 година до битките за аеродромот Луганск и Авдивка во 2017 година. Под негова команда, во пролетта 2022 година, бригадата се обиде да ги задржи руските трупи во правец на Херсон, но тие беа премногу слаби. Потоа, неговата бригада учествуваше во ослободувањето на регионот Харков, за што на Скибјук му беше доделена титулата Херој на Украина. Падобранците со кои се борел го опишуваат како „урамнотежен, мирен водач, кој никогаш не му вика на својот штаб“.
4. Јуриј Шодол, новоназначениот командант на здружените украински сили
Јуриј Шодол е новиот командант на здружените сили. Шодол ја започна својата воена кариера како стрелец, потоа како падобранец, а потоа како маринец, а во март 2018 година стана командант на Маринскиот корпус. Новинарите го опишуваат Шодол како командант што се труди што почесто да биде на фронтот, а Маринскиот корпус пред неколку години доби статус на елитен разгранок на украинската армија.
Командата на територијалната одбрана на Украина ја презеде Ихор Плахута, чие назначување се нарекува „најмистериозно и најконтроверзно“. Имено, пред една деценија, при растурањето на „Евромајдан“ во Киев, тој ги предводеше внатрешните трупи на Министерството за внатрешни работи на Украина. Накратко, тој му служеше на прорускиот претседател Јанукович. Како началник на одделот на Јужната територијална команда во тоа време, тој донесе 400 војници од гарнизоните од внатрешноста, како и специјалниот одред Беркут, кои имаа задача да ги разбијат демонстрантите. Од друга страна, некои учесници на тие настани во интервју за УП споменаа дека Плахута бил еден од ретките команданти што преговарал со нив, како и дека од 2022 година учествувал во одбраната на земјата. Се претпоставува дека тој ќе продолжи со „чистење“ на припадниците на територијалната одбрана и нивно префрлање во редовите на редовната армија.
5. Вадим Сухаревски, специјалист за борба со беспилотни летала
Вадим Сухаревски стана командант за беспилотни летала. Овој 39-годишник се смета за првиот офицер на украинските вооружени сили што издал наредба да се отвори оган врз сепаратистите во Донбас. Ова се случи во април 2014 година, во близината на Славјанск, кога Сухаревски, кој тогаш беше постар поручник на 80-та одделна воздушна јуришна бригада, отвори оган врз одредот на Игор Стрелков, кој започна напад врз Украинците. Од февруари 2022 година, Сухаревски командуваше со 59-та посебна моторизирана пешадиска бригада, која учествуваше во одбраната на Николаев и контраофанзивата во регионот Херсон, а тој е жесток поддржувач на масовната употреба на беспилотни летала, кои, според него, „играат колосална“ улога во актуелната војна.
6. Полковник Андриј Лебеденко, иноватор за борбени системи
Андриј Лебеденко е задолжен за иновации, технолошки компоненти и борбени системи. Лебеденко е мистерија дури и за украинските медиуми бидејќи нема јавно достапни информации за военото искуство на овој полковник, освен што во септември 2022 година тој стана витез на Редот на Даниил Галицки – „за лична храброст и несебични постапки прикажани во заштита на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина“.
Конечно, има уште тројца заменици на Баргилович, имено Владимир Горбатјук, Олексиј Шевченко и Михаил Драпатиј, кој до јануари беше командант на оперативната група на Херсонските трупи. Поранешните соборци го опишаа како искусен офицер, кој секогаш се труди да ги заштити војниците и прави сѐ за да ги намали загубите, а тој ќе биде задолжен за обука на војската во Генералштабот. Задачата на Горбатјук ќе биде оперативна работа, штабна работа, планирање и управување, додека бригадниот генерал Шевченко е задолжен за логистика.
Подготвил: Марјан Велевски