Кина го испрати најмладиот екипаж на астронаут во вселената на својата вселенска станица Тиангонг, во обид да го прошири своето знаење за човечките вселенски летови.
Астронаутското трио на мисијата „Шенжу-17“ полета во вселената, со помош на ракета-носач „Long March-2F“, од центарот за лансирање Џиукван во северозападниот дел на земјата, пренесе „Ројтерс“.
Екипажот се состои од командант Танг Хонгбо (40), Танг Шенџие (33) и Џианг Ксинлин (35). Просечната возраст на екипажот е 38 години, во споредба со 42 години, колку што беше просечната возраст на екипажот на претходната мисија „Шенжу-16“.
Ова е екипажот на астронаутите со најмладата просечна возраст до сега откако Кина започна со мисии со екаж во вселената, објави кинеската влада.
Азискиот гигант со децении инвестира милијарди евра во својата вселенска програма предводена од војската, благодарение на што успеа во голема мера да ги достигне Американците и Русите. Кина го испрати својот прв човек во вселената дури во 2003 година, многу подоцна од Русите и Американците кои тоа го направија ште во 1961 година.
„Тиангонг“ (Небеска палата), чија изградба сега е завршена, наликува на буквата Т. По големина е слична на поранешната руско-советска вселенска станица Мир, но е многу помала од Меѓународна вселенска станица (ISS).
Станицата, позната и по кратенката CSS (Кинеска вселенска станица), мора да остане во орбитата на Земјата најмалку 10 години, а ќе лета на помала височина од 400 до 450 километри.
Кинеските астронаути најавуваат ротации на екипажот и долгорочно човечко присуство во вселената, а се задолжени за одржување и истражувачка работа на вселенската станица, како и за постепено проширување на нејзините можности.
Во мај, Кина го испрати во вселената својот прв цивилен астронаут Гуи Хаичао, експерт за вселенска наука и инженерство, како дел од претходната мисија. Интересно е што Хаичао не е припадник на вооружените сили, како што беше вообичаено претходно, туку професор на Универзитетот за авијација и астронаутика во Пекинг. Досега сите кинески астронаути кои полетаа во вселената беа членови на Народноослободителната армија.
Кина беше делумно охрабрена да изгради сопствена вселенска станица поради фактот што САД одбија да и дозволат да учествува во работата на ISS.
Кина беше исклучена од ISS во 2011 година, кога Вашингтон и забрани на НАСА да соработува со Пекинг. Американскиот закон забранува речиси секоја форма на соработка меѓу американските и кинеските вселенски власти. Но, Кина стави до знаење дека сака да постигне меѓународна соработка кога станува збор за Тиангонг, особено во однос на експериментите – пренесе „Хина“.