Случајот „Буча“ избувна во јавноста како случај во кој се судрија информации од украинска и од руска страна, некои го споредуваа со Сребреница, некои со Рачак. Што точно се случило, тешко дека некогаш ќе се дознае, бидејќи секој сака да ја пласира својата вистина. Она што досега е познато е дека во јавноста се појавија информации за 410 цивилни жртви откриени во Буча, во близината на Киев

Случајот „Буча“

Украинската јавна обвинителка Ирина Венедиктова соопшти дека обвинителите што ги истражуваат можните воени злосторства од страна на Русија пронашле 410 тела во градовите во близината на Киев и дека 140 од нив веќе се идентификувани. Ова следува по објавувањето на снимките од Буча, во близината на Киев, кои го згрозија светот. Украинската војска завчера го ослободи градот, откако руската армија се повлече кон Белорусија, а новинарите и војската затекнале лешеви по улиците, од кои некои биле со заврзани раце зад грб. Некои од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица. Дополнително, во масовната гробница во истиот град се пронајдени 57 тела на убиени цивили, изјави шефот на локалниот спасувачки тим Сергеј Каплични.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги обвини руските сили и им порача на лидерите на Кремљ дека треба да дојдат во Буча за да видат што направила нивната војска.
„Сакам сите лидери на Руската Федерација да видат како се исполнуваат нивните наредби. Вакви убиства и наредби. Вакво исполнување. И постои заедничка одговорност. За овие убиства, за ова мачење, за луѓето разнесени од експлозии, за истрелите во задниот дел од главата“, изјави Зеленски на руски јазик во видеообраќањето.
По ова, меѓу првите се огласи генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој изјави дека е „длабоко шокиран од сликите на цивили убиени во Буча. Од суштинско значење е независната истрага да ги изведе сторителите пред лицето на правдата“, се вели во соопштението. Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека неговата земја ќе ги зголеми санкциите кон Москва и ќе ја зајакне воената помош за Украина. Германскиот канцелар Олаф Шолц во неделата остро ги осуди руските воени злосторства во украинскиот град Буча и побара независна истрага од меѓународните организации. „Ќе одлучиме за дополнителни санкции заедно со сојузниците во наредните денови. Путин и неговите поддржувачи ќе ги почувствуваат последиците“, изјави Шолц. Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства. Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека смртта на цивилите во Буча е бруталност каква што не сме виделе во Европа со децении. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги оцени фотографиите како ужасни и рече дека оние што ги извршиле тие убиства ќе одговараат за воени злосторства.


Официјална реакција на Министерството за одбрана на Русија испратена до „Нова Македонија“

Москва ги отфрла обвинувањата

Министерството за одбрана на Руската Федерација ги отфрла обвинувањата на режимот во Киев за наводно убиство на цивили во местото Буча, во Киевската Област. Сите фотографии и видеа објавени од режимот во Киев, кои наводно сведочат за некакви „злосторства“ на руските војници во градот Буча, во Киевската Област, се уште една провокација. Во времето кога оваа населба беше под контрола на руските оружени сили, ниту еден локален жител не претрпи никакви насилни дејствија. Руски војници доставија и издадоа 452 тони хуманитарна помош во населените места во регионот на Киев. Цело време додека градот беше под контрола на руските оружени сили, а уште повеќе потоа, до денес, во Буча, локалните жители слободно се движеа низ градот и користеа мобилни комуникации.
Поаѓањето од градот Буча не беше блокирано. Сите локални жители имаа можност слободно да ја напуштат населбата во северна насока, вклучувајќи и кон Република Белорусија. Во исто време, јужните предградија на градот, вклучувајќи ги и станбените области, деноноќно беа гранатирани од украински војници од артилерија од голем калибар, тенкови и повеќекратни ракетни лансирни системи. Посебно сакаме да забележиме дека сите руски единици целосно се повлекоа од Буча уште на 30 март, ден по личната рунда преговори меѓу Русија и Украина во Турција.
Покрај тоа, на 31 март, градоначалникот на градот Буча, Анатолиј Федорук, во својата видеопорака потврди дека во градот нема руски војници, но не спомна ниту еден локален жител застрелан на улиците со врзани раце. Затоа, не е изненадувачки што сите таканаречени „докази за злосторства“ во Буча се појавија дури на четвртиот ден, кога во градот пристигнаа службениците на Службата за безбедност на Украина и претставници на украинската телевизија.
Посебно загрижува фактот што сите тела на луѓе чии слики ги објави режимот во Киев, по најмалку четири дена, не се стврднати, немаат дамки карактеристични за лешеви, а крвта во раните не се згрутчила. Сето ова непобитно потврдува дека фотографиите и видеоснимките од Буча се уште една продукција на режимот во Киев за западните медиуми, како што беше во Мариупол со породилиштето, како и во други градови.

Подготвил: Марјан Велевски