Фото: Принтскрин/Јутуб - Скај њуз

Терористите на Хамас кои упаднаа во Израел носеа инструкции за производство на хемиско оружје, изјави израелскиот претседател Исак Херцог во интервју за британски „Скај њуз“.

Израелските сили тврдат дека откриле материјал со ваква содржина на телата на загинатите борци на Хамас во Беери, каде што се проценува дека 20 отсто од 1.100 жители биле убиени или киднапирани. Претседателот Херцог ги покажа документите на во интервјуто за британскиот медиум.

– Тоа е материјал за Ал каеда. Официјален материјал на Ал каеда. Имаме работа со ИСИС, Ал каеда и Хамас. Шокантно е да се видат упатствата дадени за тоа како да се работи и како да се создаде некој вид на непрофесионално хемиско оружје со цијанид – рече Херцог.

Документите наводно ги покажуваат состојките потребни за да се направи хемиска бомба. „Скај њуз“ реши да замати дел од снимките.

На прашањето дали разбира зошто многу Израелци се лути и чувствуваат дека се изневерени од владата и безбедносните сили, Херцог одговори потврдно.

– Апсолутно. Го слушам тоа цел ден. Го слушам од семејства по цел ден и го слушам од бегалци, оние кои мораа да заминат и сега се во хотели и други места низ земјата и засолништа со само парче облека и тоа е тоа. Луѓето се многу, многу фрустрирани и очигледно многу лути, и со право – кажа израелскиот претседател.

Но, тој сè уште не го вперил прстот кон премиерот Бенјамин Нетанјаху.

– Бидејќи сме во војна, затоа што мораме да победиме, затоа што се креваме како лав, затоа што треба да го браниме нашиот народ и да ја промениме реалноста, ќе се справиме со сето ова по војната – нагласи Херцог.