Климатски проекции на кинеските научници до 2100 година
Подготвил: Mарјан Велевски
Сушните подрачја во светот би можеле да се зголемат од сегашните 4,1 отсто на 10,6 отсто од вкупната површина на копното до 2100 година. Кинеската академија на науките (ЦАС) ги објави сознанијата од своето истражување, во кое се предвидува намалување на количествата на складиштената вода, кои се под влијание на варијабилноста на врнежите и евапотранспирацијата (сложен процес на губење вода преку атмосферско испарување и испарување вода низ животниот процес на растенијата), кои може да достигнат од 41 до 81 отсто до 2100 година.
Резултатите од истражувањето на кинеските научници биле објавени во магазинот „Наука за климата и атмосферата“, пренесува агенцијата Синхуа.
Истражувачкиот тим на ЦАС спроведе студија врз основа на сателитското набљудување при следењето на складиштената вода и на растот на сушната вегетација, Притоа е забележано вкупно зголемување на површините што се со вегетација во сушните подрачја во светот во периодот од 1982 до 2016 година, во кој е забележано намалено складиштење копнена вода во тие региони. Наодите покажуваат негативна корелација меѓу два индикатора, особено во областите во кои доминира земјоделското земјиште.
Така, врз основа на моделот на симулација и методот на машинско учење, тимот на истражувачи предвидува дека сушните подрачја во светот можат да се зголемат до 10,6 отсто до 2100 година, со големо намалување на складиштената вода на копното.
Во неодамнешните истражувања на Светската здравствена организација се посочува дека речиси половина од зимските скијалишта се наоѓаат во зоната на висок ризик од недоволни снежни врнежи, доколку просечната глобална температура се зголеми за два степена. Климатските промени ја загрозуваат иднината на европските скијачки центри, а сликата не може да се подобри ни со машините за правење вештачки снег. Во случај температурата во овој век да порасне за три степени, 91 отсто од европските скијачки патеки ќе се соочат со недоволен снег за зимските спортови.
Во Европа се наоѓаат половината од капацитетите за зимски одморалишта, а во истражувањето биле опфатени 2.234 ски-терени во 28 европски земји. Особено би биле загрозени Алпите.
Доколку би се успеало во глобалните намери за ограничување на зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степен, што е предвидено и со Парискиот договор, само 32 отсто од скијалиштата би биле изложени на ризик од недостиг од снег.