Фото: „Нова Македонија“

Советот на Европа го повика бугарскиот претседател Румен Радев да не
потпишува закон

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, го повика бугарскиот претседател Румен Радев да не го потпишува законот за забрана на таканаречената геј-пропаганда во училиштата. Како што пренесува порталот „Европска вистина“, О’Флаерти изразил „длабока загриженост“ за законот усвоен од бугарскиот парламент за забрана на таканаречената ЛГБТИ-пропаганда во училиштата.
– Го повикувам бугарскиот претседател Радев да не го потпишува тој закон. Властите мора да се борат против дискриминацијата и непријателската реторика кон ЛГБТИ-заедницата, особено пред изборите – додаде О’Флаерти.
Парламентот на Бугарија на 7 август го одобри нацртот на законот на иницијатива на партијата Ренесанса, кој беше поддржан и од некои проевропски партии. Одобрените прописи забрануваат „промоција, популаризација и поддршка на идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација или сексуална идентификација која се разликува од биолошката“ во училиштата.
Европската комисија потсети дека ЕУ се залага за борба против дискриминацијата, по повод усвојувањето на предлог-законот за забрана на геј-пропагандата во бугарските училишта.
Слична борба против ЛГБТ-пропагандата во ЕУ најави и унгарскиот премиер Виктор Орбан, поради што влезе во остар конфликт со Брисел. Р.С.