Европската Унија мора да престане да им дава лажни ветувања за земјите кандидати за членство и да се фокусира на постојните членки, бидејќи проширувањето не нуди реални шанси за зајакнување на позицијата на ЕУ на меѓународно ниво, изјави француската европратеничка и копретседателка на групацијата Левица во Европарламентот, Манон Обри.
– Наместо да им даваме лажни и нереални ветувања за членство на земјите кандидати, да ја зајакнеме нашата соработка со соседите на ЕУ – изјави Обри во интервју за „Еурактив“.
Според неа, реалноста во Украина и Молдавија, за кои Европската комисија предложи старт на преговорите за членство, не е онаква каква што сака да ја прикаже ЕУ.
– Проширувањето нема да ја зајакне позицијата на ЕУ на меѓународната сцена, особено ако нема усогласеност околу социјалните, фискалните и еколошките стандарди – потенцира Обри, која е членка на левичарската партија Непокорна Франција (ЛФИ).
Таа ги обвини Европската народна партија (ЕПП), либералната Да ја обновиме Европа (РЕ) и десничарските политички групации во Европарламентот за двојни стандарди кога се во прашање Украина и конфликтот на Блискиот Исток.
– ЕУ оправдано усвои 11 пакети санкции против Русија, но либералите, десницата и екстремната десница одбиваат да повикаат на прекин на огнот во Газа – изјави Обри, оценувајќи дека со ваквиот став ЕУ де факто му дава бланко чек на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да продолжи да врши воени злосторства“