На средбата во узбекистанскиот град Самарканд, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе му предложи на рускиот колега Владимир Путин да одржи состанок со украинскиот лидер Владимир Зеленски.
– Најважна тема на состанокот на Ердоган и Путин ќе биде ситуацијата во Украина. Ердоган на рускиот колега ќе му ја пренесе пораката дека Турција ќе продолжи да ги вложува сите напори војната да заврши и да се постигне одржлив прекин на огнот преку иницијативи за посредување. Претседателот Ердоган исто така ќе ја нагласи и важноста на дипломатско решение. На дневниот ред на состанокот на двајцата лидери се очекува да биде и можната воена операција во Сирија – пишува турскиот медиум „Хуријет“.
Како што пишуваат руски медиуми, една од главните точки на дневниот ред на претстојниот состанок на лидерите на Турција и Руската Федерација, ќе биде и функционирањето на коридорите со што се извезува житото од црноморските пристаништа.
– По изјавата на Путин дека, на негова жалост, житото се носи во богати земји, Ердоган ќе бара руската стока да се испраќа преку коридорот со бродови координирани од Турција – додава турскиот медиум.