Иницијативата за извоз на жито преку Црно Море, која требаше да истече на 18 мај, е продолжена за уште два месеца, објави во средата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
– Со напорите на нашата земја, поддршката на нашите руски пријатели и придонесите на нашите украински пријатели, беше одлучено да се продолжи договорот за црноморскиот коридор за извоз на жито за уште два месеца – рече Ердоган преку видеоврска додека се обраќаше пред покраинските лидери, заменици и градоначалници на неговата партија Правда и развој (АК).
Турција, ОН, Русија и Украина првично потпишаа договор во Истанбул минатиот јули за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море, кои беа прекинати по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година. Заеднички координативен центар со претставници од трите земји и ОН е основан во Истанбул за да ги надгледува пратките.
– Се надеваме дека ќе ги видиме деновите кога војната меѓу Русија и Украина ќе заврши, прво со траен прекин на огнот, а потоа со мир – рече Ердоган. Претседателот им се заблагодари на своите руски и украински колеги и на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за нивните напори.
– Покрај тоа, нашите руски пријатели изјавија дека нема да го спречат заминувањето на турските бродови од пристаништата Миколаив и Олвија. Ние сме им благодарни за тоа – додаде тој.
Во меѓувреме, министерот за инфраструктура на Украина, Олександар Кубраков, рече дека иницијативата за жито во Црно Море останува валидна до 18 јули.
– Ние сме им благодарни на нашите партнери во ОН и Турција за нивните напори во зајакнувањето на глобалната безбедност на храната. Сега главниот предизвик е да се направи #BSGI ефективен со укинување на вештачките бариери – напиша Кубраков на Твитер.