Холандија
Компаниите во Холандија се подготвуваат речиси двојно да го зголемат производството на гас во регионот Гронинген поради зголемената побарувачка во Германија. Меѓутоа, токму тоа го загрижува локалното население, бидејќи експлоатацијата на природен гас предизвикува потреси на земјиштето во тој дел од Холандија, што предизвикува страв, а се причинуваат и значителни материјални штети.
Незадоволството на граѓаните расте од зголемениот ризик од мали земјотреси, бидејќи со зголемениот волумен на експлоатација на гасот, се зголемуваат и ризиците за појава на почести и посилни земјотреси. Локалното население се жали и на досегашното производство, бидејќи и тоа предизвикува стотици, главно, мали земјотреси и штета.
Холандското министерство за економија се обиде да ги смири граѓаните што живеат во близината на наоѓалиштата на гас. Холандската влада вети дека ќе престане со производство на гас во Гронинген до крајот на следната година, но сериозен проблем претставува фактот дека Холанѓаните имаат договорна обврска да ѝ испорачаат гас на Германија. Холандскиот државен секретар Ханс Вијлсбриф рече дека ќе лобира кај германското министерство за економија да ги намали нарачките за гас.
Поранешниот министер за економија Стеф Блок во парламентот изјави дека оваа година во Гронинген ќе треба да се произведат до 7,6 милијарди кубни метри гас, во споредба со првично планираните 3,9 милијарди. Како што објасни Блок, производството ќе мора делумно да се зголеми поради доцнењето во изградбата на фабрика за азот и поради поголемата германска побарувачка.
– Ова се случи, меѓу другото, затоа што мерките за заштеда на енергија дадоа послаби резултати од очекуваното – објасни Блок пред пратениците.
Тој додаде дека во декември му пишал на својот германски колега Роберт Хабек и изразил „сериозна загриженост“ за развојот на ситуацијата, барајќи од него да испита дали „ефектите од поголемата потрошувачка на гас може да се минимизираат“.
Подготвил: Дејан Србиновски