Фото: Принтскрин

Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик ја тужи државата за наводно прекршување на човековите права поради тоа што бил држен во „екстремна“ изолација и поднел уште едно барање за условно ослободување, соопшти неговиот адвокат.

Десничарскиот милитант уби 77 луѓе, главно тинејџери, со пукање и бомби во најголемото мирновременско злосторство во Норвешка во јули 2011 година.

Брејвик, кој сега има 44 години, ја отслужува најдолгата затворска казна во Норвешка од 21 година, која може да биде продолжена доколку се уште се смета за закана.

„Тој ја тужи државата затоа што е во екстремна изолација веќе 11 години и нема контакт со други луѓе освен со своите чувари“, рече адвокатот на Брејвик, Ојстеин Сторвик.

„Минатата година беше преместен во нов затвор и се надевавме дека ќе има подобри услови и дека ќе може да запознае други луѓе“, додаде Сторвик.

Во 2017 година, Брејвик го загуби случајот за човекови права кога апелациониот суд ја укина пресудата на понискиот суд дека неговата изолација во ќелија со три соби е нехумана.

Минатата година норвешкиот суд исто така го одби неговото барање за условно ослободување, велејќи дека тој сè уште претставува ризик од насилство.

Сторвик рече дека очекува Окружниот суд во Осло да ја разгледа тужбата на пролет.