Високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика Жозеп Борел вчера на својот блог напиша дека минатата година „светот станал полошо место“ поради кршење на човековите права, судирите и кризите во Украина, Иран, Етиопија, Авганистан, Мјанмар, Кина и на други места.
Според него, 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, светот е поинакво место поради поголемите геополитички поделби, новите технологии што се користат за масовен надзор и репресија и ефектите од климатските промени што иницираат судири.
– Мораме да запомниме дека човековите права и демократијата не се вредности што ја дефинираат Европа, туку вредности што го дефинираат човештвото. Исто така, треба да запомниме дека одбраната и промовирањето на човековите права и демократијата започнува дома – истакнува Борел.
Според него човековите права се во основата на односите на ЕУ со остатокот од светот и оти истите се клучен приоритет на надворешната политика на ЕУ.
– Формираме опсерваторија за собирање на информации за геноцид, злосторства против човештвото и други сериозни прекршувања на човековите права. Нудиме финансиска поддршка за заштита на бранителите на човековите права од 30 милиони евра за следните три години – наведе Борел.
Тој додаде дека ЕУ мора повеќе да работи против неказнивоста и да обезбеди одговорност преку поддршка за Меѓународниот кривичен суд за руските воени злосторства во Украина.
– Други конкретни области ја вклучуваат потребата да се обезбеди дека технологиите за дигитална трансформација и надзор не се користат за ограничување на човековите права, да се продолжи со работа со земјите, кои се најпогодени од климатските промени и да се работи со партнерите за правото на развој и борбата против расната дискриминација – посочи Борел.