Фото: Пиксабеј/Илустрација

Во следните недели Белгија ќе се приклучи на проектот за производство на европските борбени авиони од следната генерација, наречен Борбен воздухопловен систем на иднината (ФЦАС), најави белгиската министерка за одбрана Лудивин Дедондер.

– Белгија ќе биде подготвена да го потврди својот статус на набљудувач во програмата ФЦАС за неколку недели и да им се придружи на Франција, Германија и Шпанија – изјави Дедондер.

ФЦАС е европска програма за производство на модерни борбени авиони во кој се вклучени француската компанија „Дасо Авиасион“, германската подружница на „Ербас“ и шпанската „Индра Системас“ и е еден од најголемите заеднички проекти во одбранбената индустрија во Европа.

Се очекува првите авиони од програмата на ФЦАС да бидат оперативни во 2040 година и да ги заменат постојните борбени летала од типот „Рафал“ и „Јурофајтер Тајфун“. Договорот за покренување на ФЦАС го потпишаа Германија и Франција во 2017 година, а кон него во 2020-та се приклучи и Шпанија.

Како „земја набљудувач“ во програмата, Белгија и нејзината индустрија нема да учествуваат во донесувањето одлуки, но ќе можат да споделуваат информации со партнерите, што претставува вообичаена практика за време на фазите на истражување и развој, по што следниот чекор би можел да биде нејзино целосно приклучување кон проектот. За учество во програмата, белгиската Влада веќе одвои 1,8 милијарди евра наменети за истражување и развој.

Според Дедондер, од учеството во програмата полза ќе имаат и белгиската авиоиндустрија, но и целата домашна економија.

– Може да учествуваат големи авиоиндустриски компании, но и мали и средни претпријатија, кои произведуваат високотехнолошки компоненти – истакна Дедондер.

Во Белгија свои седишта имаат неколку компании од авиоиндустрискиот сектор, како „Сонака“ и „Оризио“, но и повеќе мали и средни претпријатија кои произведуваат делови и компоненти за авиони. Меѓу останатите, делови произведени во белгиските фабрики се вклопени во транспортните авиони „Ербас А400М“ и американските ловци Ф-16.

Според сегашниот план, авионот ФЦАС од шестата генерација ќе го произведуваат „Дасо“ и „Ербас“, „Индра Системас“ ќе биде задолжена на радарска технологија, а моторот на леталото ќе го изработуваат француската „Сафран“ и германската „МТУ Аеро Енџинс“.