Грчкиот парламент треба да ратификува три договори што произлегуваат од Преспанскиот договор, а кои се однесуваат на соработка со Македонија. Тоа се меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ; меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на ФИР Скопје.
Со оглед на тоа дека се први што доаѓаат по промената на власта во Грција, од опозициската СИРИЗА, кога ратификацијата ќе биде на дневен ред во парламентот ќе побараат јавно гласање, со прозивање на сите пратеници, нешто што вчера го потврди и лидерот на партијата Алексис Ципрас, велејќи дека очекува гласањето на пратениците од Нова демократија да биде и извинување за нивната опозициска реторика за Договорот од Преспа.
– Секој еден глас од 158-те што ги има владејачката партија, секој од 158-те пратеници со својот глас, ќе дава и едно извинување. Очекуваме 158 извинувања. Извинување за поделбата, извинување за лагите, извинување за измамата, извинување за хистеријата, извинување за нападите, извинување за куршумите до министрите и пратениците од СИРИЗА, извинување за подметнувањето пожари пред нивните домови, извинување за мизеријата што се случи пред две години. И, пред сè, извинување за измамата на обичните граѓани, на кои им рекоа дека СИРИЗА ја предава Македонија – рече Ципрас.
Меморандумот за соработка содржи пет члена што се однесуваат на поттикнување на билатералната соработка; соработка во политичките, економските, технолошките и културните аспекти на процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија.
Вториот предлог-закон се однесува за формирање координативен комитет за економска соработка. Третиот предлог-закон е ратификација на техничката спогодба меѓу Министерството за национална одбрана на Република Грција и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија во врска со ер-полисинг на ФИР Скопје, кој се однесува на надзор на воздушниот простор на нашата земја од грчки воени авиони и беше потпишан на 30 септември 2019 година во Скопје.