Избори во Србија

Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ победи на претседателските гласови во Србија. Неговата владејачка Српска напредна партија (СНС), исто така, освои најмногу гласови на парламентарните избори изминатиот викенд. Ваквиот исход може да се сумира од досега официјално пребројаните гласови, но и според проекциите што ги изработија невладините организации специјализирани за следење на изборите.
Српската изборна комисија соопшти дека со изброени 87,7 отсто од гласачките ливчиња, Вучиќ добил 59,5 отсто од гласовите, што е доволно за да го избегне вториот круг со неговиот најблизок конкурент, опозицискиот кандидат Здравко Понош, кој заостанува на второто место, со 17,5 отсто. Рокот за објавување на конечните резултати од Изборната комисија е 7 април.
Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) ги објави конечните проекции на резултатите од претседателските и парламентарните избори. И според нивните податоци, Александар Вучиќ на претседателските избори освоил апсолутно мнозинство со 58,5 отсто од гласовите и победил во првиот круг од изборите. Единствен што освоил двоцифрен процент на гласови е Здравко Понош, со 18,3 отсто. Податоците покажуваат дека на завчерашните избори излегле 58,6 отсто од вкупниот број запишани избирачи. Тој процент е значително поголем отколку на парламентарните избори во 2020 година, кога дел од опозицијата ги бојкотираше изборите, па одзивот беше помал и правото на глас го искористија 48,93 отсто од гласачите.
Вучиќ е претседател од 2017 година, а претходно беше премиер. Неговата партија е на власт од 2012 година. Во своето телевизиско обраќање во неделата околу полноќ, тој изјави дека ќе остане на курсот на балансирање на аспирациите за членство на земјата во Европската Унија со блиските и развојни врски на Белград со Москва и Пекинг.
Ќе ја одржиме политиката што е важна за Европејците, Русите и Американците, а тоа е воената неутралност – изјави Вучиќ.
Според податоците на ЦеСИД, коалицијата „Заедно можеме сѐ“ освоила 120 пратенички места за следното свикување на Собранието, додека листата на коалицијата „Обединети за победа на Србија“ е втора по големина, со 38 пратенички места. Претставниците на листата „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“ ќе имаат 32 пратенички места во парламентот, а во Собранието ќе има 15 пратеници од коалицијата НАДА, 12 пратеници од коалициската листа Морамо, додека Заветници и коалицијата Двери и ПОКС по 10 пратеници.

За Вучиќ: Од честитки и лаври до оспорувања и тешки обвинувања

Делата зборуваат, а делата распламтуваат верба и надеж и јасен план и сон што го сонуваме заедно со претседателот Александар Вучиќ, кој може да нѐ води уште подалеку во иднината. Затоа сакаме да се бориме за победа и нови успеси, за честа на сите нас, за заедништво на сите низ нашата држава. Угледен и способен да застане рамо до рамо со најголемите лидери на светот, горд затоа што ја води Србија, која има со што да се пофали и која допрва ќе се фали со своите успеси, за кои тој се вложува целиот – беше првиот коментар на членот на Претседателството на Српската напредна партија, Игор Мировиќ, по дознавањето на изборните резултати.
Како што рече, изборот за претседател е важен симбол и цврста основа на заедничката борба за подобра и поуспешна Србија.
– Нè поврзуваат ист план и ист сон – сон што го сонуваме и живееме неколку години, сон и реалност за успешна Србија, силна економија, нашата земја – која пред нашите очи станува сѐ посилна и посилна, како никогаш досега во последните 40 години. Заедно можеме и мораме да направиме сѐ, бидејќи никој освен претседателот Александар Вучиќ нема идеја, политика или план ниту, пак, луѓе што се дораснати на предизвиците на времето во кое живееме. Кога велиш Вучиќ, мислиш на силна волја, знаење, вистина, мислиш на Србија и нејзината среќа. Сведочам дека е достоен за времето пред нас – нагласи Мировиќ.

Поранешниот колумнист на „Нова Македонија“, Бошко Јакшиќ: Вучиќ
победи на изборите пред изборите

Бошко Јакшиќ, долгогодишен новинар на „Политика“, специјално за читателите на „Нова Македонија“ го пренесува своето видување на состојбите.
Овие полуслободни и полудемократски избори потврдија дека Србија нема држава туку само режим. По сите манипулации што траат цела деценија, претседателот убедливо победи во првиот круг. Вучиќ победи на изборите пред изборите: преку медиумска контрола, притисок или уцена. Проевропската опозиција се врати во парламентот по бојкотот на изборите пред две години, но Собранието е верна слика на конзервативното општество. Вучиќ предупредува дека Србија „драматично тргнала надесно“ – што е порака до Западот да го задржи како „умерен“ – објаснува Јакшиќ.
Како најпозитивен настан на опозициската сцена тој ја гледа појавата на лево-зелената коалиција, но ривалите на Вучиќ, освен за недостигот од единство, можат да бидат критикувани и дека се фокусираат речиси исклучиво на борбата за медиумски простор, како и за занемарување на политичките програми и јасно изјаснување за Косово или регионот, дека понудија многу кандидати од кои ѝ е прекуглава на јавноста, дека се фокусираа на Вучиќ, кој е сè уште најпопуларниот политичар и дека, конечно, не ја капитализираа украинската криза.
Изборите се одржаа во сенка на украинската војна и косовската криза. Владата е под притисок да се приклучи кон западните санкции на Русија и конечно да го реши косовското прашање, што би ги отворило вратите на Европската Унија за Србија. Вучиќ ги одбил и двете. Дали Западот ќе продолжи да го поддржува Вучиќ, дали војната во Украина ќе ја активира политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, останува да видиме. За време на украинската криза, прогресивците ставија акцент на мирот и стабилноста, кои граѓаните сакаат да ги слушаат во време на криза. Како диск-џокеј што меша музика, Вучиќ брзо почна да ги комбинира проруските вредности на својата база, а во исто време демонстрира доза на флексибилност кон Западот. Перспективата ни е сѐ послабиот раст на авторитаризмот и национализмот, негативните односи во регионот, де факто оддалечувањето од Западот и одржувањето блискост со Истокот, што не е соодветно за земја што е кандидат за членство во ЕУ – додава Јакшиќ.

Подготвил: Марјан Велевски