Објавена мапа за екстремно десничарски и екстремистички организации во шест земји на Балканот
Вообичаениот начин на кој се опишува Балканот како регион во кој постојано се случуваат некои конфликти, растат тензии, се создаваат нови сојузи и се растураат стари, е кованицата „буре барут“. Притоа, вообичаено се оперира со постоење на одредени екстремистички групи или поединци што се носители на таквите групи, а кои ги разгоруваат тензиите, создавајќи дополнителни проблеми за нарушување на мирот и спокојството на граѓаните. Во тие рамки, интересна информација доаѓа од Сараево, каде што на конференцијата насловена „Екстремно десничарски екстремизам на Балканот: групи, трендови и политичка поддршка“ беше презентирана интерактивна мапа со детални информации за 71 неформална екстремистичка и екстремно десничарска група и организација, кои дејствуваат во шест земји во Западен Балкан. Мапата, изработена од Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН), во соработка со независни истражувачки новинари и истражувачи, е создадена како дел од проектот насловен „Иднината на екстремизмот во Западен Балкан“, кој е финансиран од Владата на Кралството Холандија.
Она што особено го привлекува вниманието е дека на мапата е застапена и Македонија, и тоа со 11 екстремистички групации. Во базата на податоци на мапата се документирани и 21 организација во Босна и Херцеговина, 20 во Србија, осум во Косово, седум во Црна Гора и четири во Албанија. Мапата вклучува детали за нивните членови, вклучувајќи имиња и псевдоними, како и нивниот официјален статус и активности, извори на финансирање и врски со други организации. Наедно, вклучува и детали за судските случаи во кои се појавиле членови на организациите.
Директорот на БИРН во Босна и Херцеговина, Денис Џидиќ, рече дека информациите презентирани во интерактивната мапа ѝ даваат на јавноста повеќе информации за екстремно десничарските и екстремистичките организации и за потенцијалните закани што ги претставуваат тие.
– За првпат досега имаме мапа што собира релевантни информации за екстремно десничарските и екстремистичките групи во целиот регион. Нивните постапки го нарушуваат процесот на градење стабилно и здраво општество за кое секојдневно се бориме. Затоа ни е важно оваа мапа да биде извор на информации што ќе ги препознае сите закани што можат да ги создадат таквите организации и групи – рече Џидиќ.
Што се однесува до екстремистичките групи во Македонија, во наредниве денови предмет на работа на „Нова Македонија“ ќе биде истражување во врска со нивното постоење и активности. За таа цел, ќе контактираме со надлежните институции во земјава, но и со универзитетски професори, како и со домашни и странски експерти од оваа област.