Според највисоки албански државни функционери, Косово доби излез на море
Обединети, а не разделени. Албанија нашата иднина. Нема време за одмор, напиша во своето писмено обраќање во јавноста премиерот на Албанија, Еди Рама.
Заедничка оцена на претставниците на Албанија и на Косово е дека царинењето на стоката во ова пристаниште му овозможува на Косово да има излез на море, со што се олеснува излезот на косовските бизниси на меѓународните пазари.
Во најголемото албанско пристаниште Драч започна царинењето на стоката наменета за Косово. Во своето обраќање во јавноста, премиерот Еди Рама напиша дека од денеска нивното море повеќе нема да биде косовско само за туризам, туку и за трговија.
Почна царинењето во пристаништето Драч за стока наменета за Косово, а нашето море веќе не е косовско само за туризам, туку е косовско и за трговија. Обединети, а не разделени. Албанија нашата иднина. Нема време за одмор – напиша Рама.
Министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај и нејзиниот косовски колега Хекуран Мурати, придружувани од директорите на царинските управи на двете земји, го посетија царинското претставништво на Косово во пристаништето Драч. Заедничка оцена е дека царинењето на стоката во ова пристаниште му овозможува на Косово да има излез на море, со што се олеснува излезот на косовските бизниси на меѓународните пазари.
– Денеска е важен ден, кога конечно профункционира и работи царинењето за сите бизниси во пристаништето Драч. Има околу 1.040 косовски компании што го користат пристаништето и кои од денес ќе ги намалат времето и трошоците за царинење – рече меѓу другото министерката Ибрахимај.
Мурати изјави дека отворањето на царинското претставништво во пристаништето Драч е извонредно достигнување за економијата на Косово, заштедува време и трошоци за бизнисот и дека заштедата за бизниси што вршат трговија преку пристаништето Драч е околу два милиони евра.
Косовското царинско претставништво е лоцирано во пристаништето Драч од 2019 година, но досега се извршуваше само регистрација на влез за стоки наменети за Косово, без никакво влијание врз намалувањето на трошоците или времето за бизнисите и потрошувачите.
На последната седница меѓу двете влади, одржана во јуни годинава, беше потпишан договор за царинска соработка што означува трговска интеграција меѓу двете економии.