Фото: Етнолошки Музеј - Скопје, Вардар Филм, Милан Ристески, Вера Кличкова

Од историските архиви

Многубројните историски документи што потврдуваат дека Македонците уште во 19 век говореле на типичен македонски народен говор, односно на македонски јазик, се историски извори. И покрај многубројните просветни пропаганди на Софија, Атина и на Белград, македонскиот типичен јазик го преживеал бурниот период кога некој се обидувал да наметне туѓ јазик во османлискиот период во Македонија. Споменатите документи, исто така, ги прават беспредметни негирањата на македонскиот јазик, бидејќи од нив е очигледна македонската јазична особеност уште пред повеќе од еден век

Во втората половина на 19 век, балканските држави, водени од својата националистичка и експанзионистичка политика, ја засилуваат својата просветна пропаганда во Македонија. Софија, Атина и Белград создаваат паралелен образовен систем во османлискиот период во Македонија со голем број училишта и кадар. Целта на споменатите пропаганди е да се асимилира национално и јазично македонскиот народ и на тој начин пред големите европски сили да се прикаже дека во Македонија живеат Бугари, Грци или Срби.

Во големиот број основни и средни училишта, во зависност од тоа која држава ги финансирала, наставата се одвивала на бугарски, грчки и на српски јазик, во согласност со нивните литературни јазици. Всушност, пропагандите се обидувале да им наметнат еден туѓ јазик што не бил карактеристичен во османлискиот период на Македонија. Дека македонското население говорело на типичен македонски народен говор, односно на македонски јазик, се потврдува од повеќе историски документи, а меѓу нив се статиите што беа објавени во неколку бугарски весници и списанија.

Списанието „Македонски преглед“, издание на Македонскиот научен институт од Софија, во 1929 година објави една статија на Љубомир Милетич, бугарски филолог и историчар, со наслов „Едно пространо писмо по крушевскиот говор“. Во македонската историографија се познати ставовите на Милетич за македонскиот народ и јазик, но и покрај тоа, од денешна перспектива неговите истражувања и пишувања се особено значајни, затоа што на еден индиректен начин ги претставува јазичните особености на Македонците.

Во воведниот дел, Милетич објаснува дека во 1895 година од страна на Сребрен Поп Петров му било доставено оригинално писмо од Крушево. Споменатото писмо било пишувано од страна на непознат човек во името на една жена и нејзините ќерки, а било адресирано до нејзиниот маж и син.

Во понатамошниот дел, Милетич укажува дека писмото е напишано според старовременски шаблон, кој се состои од долги поздрави испратени до адресантот, а потоа следуваат другите соопштенија. Во писмото не се употребуваат големи букви за личните имиња, ниту интерпункција. Во однос на јазикот, писмото се одликува со карактеристиките и особеностите на македонскиот народен јазик од 19 век, во овој случај крушевскиот говор. Исто така може да се сретнат типични македонски архаични зборови, како што се зедовне, стреда, скапа, волната, другиот, грошеи, дуовден итн.
Милетич во својата анализа вели дека во ракописот нема укажувања за акцентите на зборовите, но и без тоа е јасно дека во крушевскиот говор, како и во велешкиот, прилепскиот и битолскиот, има воспоставено акцент на третиот слог од крајот на зборот. Споменатиот бугарски филолог го објавил писмото со означување на акцентот што бил типичен за тогашниот крушевскиот говор, но и за денешниот македонски јазик.

Во прилог го објавуваме целото писмо: „Ова книга да се даит на раката Димо Конјарец от Крушово за во Совија. Зроживо от мене, Като, до тебе, Димо, зрожио от мене, Вето, до тебе, татко, и зрожио от Мара до тебе, татко, зрожио от мене, мајко, до тебе Костадин, и зрожио от Мара до тебе, брате Костадин; и зедовне по полица една вранга. Зрожио от мене, Димеица, до тебе, Димо; пуштивте една вранга, а от неа ништо не остана, да ни пратите другиот рет; и еве децата стреда ке ги откопувам, на спасоведен ке ги закопам, и сега што ке земам за децава на дуовден на-заим ке земам; скапа ет волната, единаисет грошеи оката, една вранга ни стасува, до другиот ред брашното не ни остануват; е зедовне книгата и се научивне за здравето ваше, и добро видение, амин; да ли му дојде книгата, да ли не на Стевана, оти книгата по пошта пратив, и многу гајле имаме. Здроживо от мене, Като, до тебе, Димо; и прет велигден по Грозана зедоф вранга и пол; да се научиш и нивето сет посејани, и ја незнам.“ Д.Ст.