Две години Бугарија е во тешка политичка криза, во која екстремните судирања меѓу главните политички партии во земјата се пречка за формирање стабилна коалициска влада. Бугарите наскоро би можеле да гласаат на петтите парламентарни избори во само две години, а тоа би можело да се случи во март следната година
Според анализата на „Еурактив“
Одлуката на Холандија и на Австрија да го блокираат влезот на Бугарија во Шенгенскиот договор ја засили реториката на евроскептицизам во Бугарија. На пример, Костадин Костадинов, претседателот на популистичката партија Преродба, порачува дека „одлуката ја докажува лицемерноста на ЕУ, со тоа што таа ги сака само парите на Бугарија, а не и нејзините граѓани“. Тоа го пишува Красен Николов во анализата објавена на „Еурактив“.
Преродба е главниот противник на влезот на Бугарија во еврозоната во 2024 година
Костадинов им порача на Бугарите дека нивната земја може да стане тампон и суров додаток на Западот откако министрите за внатрешни работи на ЕУ неодамна го одобрија влезот на Хрватска во беспасошката шенген-зона од јануари, но ги одбија барањата на Бугарија и на Романија.
Поддршката на анти-НАТО партијата Преродба се зголеми десеткратно во последните две години, откако таа се вклучи во екстремната антиваксерска пропаганда. Партијата доби повеќе од 10 отсто од гласовите на последните парламентарни избори, а има стравувања дека нејзината популарност може да продолжи да се зголемува.
Преродба е главниот противник на влезот на Бугарија во еврозоната во 2024 година. Во петокот, Костадинов рече дека прифаќањето на еврото може да доведе до граѓанска војна!
Две години Бугарија е во тешка политичка криза, во која екстремните судирања меѓу главните политички партии во земјата се пречка за формирање стабилна коалициска влада. Бугарите наскоро би можеле да гласаат на петтите парламентарни избори во само две години, а тоа би можело да се случи во март следната година.
Најголемите бугарски партии беа пасивни за шенгенското прашање во текот на изминатите четири месеци, а техничката влада на Радев беше оставена осамена во лобирањето за приклучување кон беспасошката зона.
Политичките партии се активираа само во последните денови пред гласањето во Советот на ЕУ, кога веќе се знаеше дека Бугарија ќе биде изблокирана.
Двајцата претходни премиери, Бојко Борисов од ГЕРБ, која ја има поддршката на десноцентристичката Европска народна партија, и Кирил Петков од Продолжуваме со промената влегоа во конфликт поради Шенген, обвинувајќи се меѓусебно.
Борисов рече дека Бугарија е отфрлена бидејќи владата на Петков им дозволила на трговците со луѓе да работат непречено. Во меѓувреме, Петков го обвини Борисов дека ги лаже европските лидери и дека неговата корупција е причина за неуспехот на бугарскиот Шенген, се вели во анализата.
Иако не се во еврозоната, почнаа со ковење монети евра
Минатата недела, во симболичен потег, земјата, која сè уште не е во еврозоната, демонстрираше подготвеност да ја прифати единствената валута, токму на денот кога претседателот Румен Радев најави дека се во тек подготовките за започнување со ковење евра. Претседателот Радев објави дека Бугарија започнува со подготовки за ковење монети евра, потег што се смета за симболичен, бидејќи оваа земја од еврозоната сѐ уште не покажува подготвеност еден ден да го усвои еврото.
Големо внимание привлече и индустријалецот Васил Велев, претседател на Здружението на индустриски капитал во Бугарија – една од трите организации на работодавачи. Велев, меѓу најгласните лобисти за нов долгорочен договор со руски „Газпром“, откако Софија беше меѓу првите земји на кои Москва ѝ ја исклучи испораката на гас на почетокот на оваа година, сега повикува на целосен бојкот на холандската стока и бизнис.
– Бугарија мора да ги искористи сите можни лостови и канали на влијание. Можеме да ја бојкотираме нивната (холандска) стока, не можеме да купуваме гориво на нивните бензински пумпи („Шел“). Не смееме да ги праќаме нашите деца на холандски универзитети – рече Велев, цитиран од Нова ТВ.
Тој објасни дека во продавниците има доволно висококвалитетна јапонска и корејска стока, така што нема потреба да се купува холандска опрема. Тој ја повика бугарската влада „да ги попречи сите холандски иницијативи кога ќе се оштети бугарскиот интерес“.
Плевнелиев: Изолирањето на Бугарија од Шенген, ќе доведе до рапиден пораст на русофилство
Од друга страна, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев (2012-2017) предупреди дека изолацијата на Бугарија од Шенген ќе доведе до десеткратен пораст на русофилството во Бугарија, по одлуката на министрите на ЕУ.
– Руските хибридни напади во Бугарија ќе станат уште поефикасни. Да кажеме искрено – кога Бугарија останува сама, изолирана, на периферијата на Европската Унија, главниот победник се Путин и неговите популисти во Бугарија – рече Плевнелиев на меѓународната конференција на Софискиот безбедносен форум пред десетина дена.