Бугарија зоврива од скандали: политички, дипломатски, разузнавачки, медиумско-корупциски…

Во период додека траат преговорите за составот на идната бугарска влада, по паѓањето на кабинетот на Кирил Петков, истовремено во Софија се одвиваат уште неколку случувања што се одразуваат на внатрешната, но и на надворешната политика на земјата. Сето тоа веројатно најтешко му паѓа на мандатарот за состав на идната влада Асен Василев, но ако се знае дека до вчера тој беше најблискиот соработник на Кирил Петков, тогаш не треба да се има дилеми дека едноставно добро знаел во што се впушти кога реши да ја наследи жешката фотелја на својот пријател.
Се чини, најжешкиот проблем со кој се соочува Софија е протерувањето на 70 руски дипломати од земјата поради наводни „активности надвор од нивните акредитации“. Меѓу протераните имаше дипломати, членови на нивните семејства и персонал на дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Тие ја напуштија Бугарија со два руски владини авиони од софискиот аеродром. Вкупниот број на патници што ја напуштија државата е над 180.
За потсетување, Бугарија минатиот четврток прогласи 70 руски дипломати за непожелни (меѓу нив има и технички персонал). Тоа ја опфаќа најмногубројната мерка „персона нон грата“, по онаа од 1971 година, за време на Студената војна, кога Обединетото Кралство протера 105 советски дипломати.
Одлуката за протерување ја соопшти премиерот во заминување Кирил Петков.
– Секој што работи за странски интереси ќе биде повикан да се врати во државата од која доаѓа – порача Петков, честитајќи им на бугарските тајни служби за добро завршената работа.
Имено, во врска со овој случај, „бугарската тајна служба има податоци оти Русија им плаќа околу две илјади евра месечно на јавни личности, новинари и политичари за ширење на нејзината пропаганда во Бугарија“. Тоа го изјави шефицата на кабинетот на Петков, Лена Бориславова, за радиото Дарик.
Еден од водечките претставници на руската амбасада во Софија што ја напушти државата, Филип Воскресенски, истакна дека ниту еден од Русите што биле протерани не работел против Бугарија. Тој исто така нагласи и дека „никој не може да ги расипе руско-бугарските односи“, во изјава дадена на софискиот аеродром.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, кажа дека Бугарија ја свела на „минимум, дури и на нула“ можноста за функционирање на руската амбасада во Софија“.

Државната агенција за разузнавање (ДАР) и военото разузнавање не работат за интересите на Бугарија

Ваквиот потег на бугарската влада во заминување ги исфрли на виделина поделбите на бугарската политичка сцена во однос на одлуката за протерување на руските дипломати. Поранешниот бугарски министер за одбрана Тодор Тагарев смета дека одлуката „со децении ќе биде тежок удар за Бугарија“.
Вчера големо внимание во бугарската јавност предизвика изјавата на Ивајло Мирчев, пратеник на Демократска Бугарија, кој изјави дека „Државната агенција за разузнавање (ДАР) и военото разузнавање не работат за интересите на државата“.
Многу проблематични се ДАР и военото разузнавање. Тие не работат за нашата држава. Треба да се направи категорична реформа на службите – изјави Мирчев за Бугарската национална телевизија.
Притоа, тој додаде дека нема намера да бара смена на раководствата не двете служби, но укажа дека „нивните сојузници од НАТО и ЕУ немаат доверба во нив“.
На ова веднаш реагираа од военото разузнавање, кои излегоа со официјално соопштение, во кое категорично ги отфрлија сите обвинувања во националните медиуми од изминативе денови врз нив. Притоа, се тврди дека службата ги исполнува своите задачи во целосна координација и тесна соработка со разузнавачката заедница на НАТО и ЕУ, каде што нивниот придонес високо бил ценет.

„Гласови“: САД плаќаат милиони долари во Бугарија за политичка пропаганда

Очигледно е дека сите служби во Софија работат добро, како домашните така и странските. Како поинаку да се протолкува неброената низа на афери, скандали и подметнувања со кои деноноќно се занимава јавноста. Па, така, приказната дека наводно цела мрежа новинари, политичари и јавни личности добивале месечна поддршка од 4.000 лева (2.000 евра) од руски извори, која шефицата на кабинетот на премиерот Лена Бориславова ја пушти во оптек деновиве, веднаш наиде на уште пожестока и посочна (контра)приказна. Би рекле, нималку случајно.
Имено, оваа нејзина приказна имала „многу специфична цел – да го префрли фокусот од реалниот проблем на зависноста од дарежливото странско финансирање на бугарските политичари, аналитичари, новинари и медиуми, кои доминираат во јавниот живот и го наметнуваат своето толкување на политиката и општествените процеси во Бугарија и во светот“, пишува веб-страницата „Гласови“.
Без да го оправдува финансирањето политичари и новинари од страна на други земји, порталот ја повикува шефицата на кабинетот на поранешниот премиер да ги објави имињата на луѓето што наводно добиваат пари од Москва, ако се достапни. „Досега не е изведен ниту еден доказ во оваа насока, што е повеќе од скандалозно. Излегува дека властите што бркаат руски шпиони ја чуваат нивната бугарска мрежа од разоткривање и всушност им служат на руските шпиони“, пишува порталот.
Не коментирајќи до кој степен самата Лена Бориславова има морално право да зборува за чесност, со оглед на очигледниот конфликт на интереси, бидејќи лани како блиска пријателка на тогашниот министер за економија Кирил Петков таа добивала 13.690 лева месечно, без да се пресметаат трошоците и претходно договорените дополнителни 274 лева на час, порталот укажува на уште поголем проблем.
А тоа се, според „Гласови“, огромните суми што САД ги даваат за спонзорирање тесен круг бугарски политичари, новинари и аналитичари што се постојано присутни во најголемите бугарски медиуми и притоа го наметнуваат своето гледиште и толкување на настаните, а кое е 100 отсто покривање на американските интереси. Она што е уште поскандалозно е што тоа го промовираат и две од владејачките партии – Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија, пишува порталот, а го преземаат повеќе бугарски медиуми.
Притоа, електронскиот медиум обвинува дека „ова претставува директно мешање во внатрешните работи на Бугарија преку плаќање локални агенти од странска земја. И тоа е исто толку скандалозно како и финансирањето на петтата колона на Путин кај нас. Единствената значајна разлика е што второто нема докази, додека првото е добро документирано и информација од јавен карактер“.
Во продолжение, порталот ги поткрепува своите обвинувања со конкретни бројки, додавајќи дека „две години во бугарските медиуми не беа објавени информации за грантовите со кои Фондацијата Америка за Бугарија финансира новинари, невладини активисти, културни и јавни личности“. Излегува дека во овој период американската фондација поддржала со финансирање голем број медиуми и јавни говорници, кои отворено ги лансираат политичките проекти Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија, со неколку милиони лева, посочува порталот. Во продолжение, таксативно се набројуваат 18 позиции во кои се прикажува како и на кој начин се финансирани бугарски граѓани, организации, здруженија и политички партии од странски извори, пред сѐ американски, но и европски.

Подготвил: Марјан Велевски