Фото: ЕПА

Србија

Подготвил: Mарјан Велевски

Српската премиерка Ана Брнабиќ и претседателот Александар Вучиќ се обратија до граѓаните во директен телевизиски пренос. Најавата за нивното обраќање претходно во јавноста доби голем публицитет, бидејќи беше најавено како исклучително „важна вест“.
– Јасно е дека ќе имаме предвремени парламентарни избори, само прашање на месецот е кога ќе се случат тие – рече Вучиќ.

Оваа изјава, заедно со онаа на Брнабиќ, која ја понуди својата оставка на функцијата, наводно предизвикана од протестите „Србија против насилството“, заедно со можноста од распуштање на парламентот и одлука за одржување вонредни избори во рок од 45 до 60 дена предизвикаа големо внимание во српската јавност.

Во обраќањето, Вучиќ го разложи можното сценарио: оставка на премиерката Ана Брнабиќ и распуштање на парламентот, со рок од 30 дена, кој како претседател на државава го има за да понуди мандат за состав на следната влада. Доколку не биде обезбедено мнозинство во парламентот за тоа, остануваат „уставните рокови од 45 до 60 дена за одржување на изборите“.

Граѓанските протести, поттикнати по двете масовни пукање на почетокот од мај кога во белградско основни училиште и во две села крај Белград беа убиени вкупно 18 главно деца и млади луѓе и беа ранети уште 20, беа искористени од опозицијата и на власта ѝ беше упатено барање да „овозможи нормална држава, во која сите ќе бидат безбедни“, бидејќи ја сметаат власта „одговорна за поттикнување и толерирања на насилството во јавниот простор и во медиумите“.

Меѓу другото, беше барана смена на водството на јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС), како и одземање на националните фреквенции на комерцијалните телевизии Пинк и Хепи, кои ги означуваат како провладини поради наводно „кршење на законот, поттикнување насилство и неморал и емитување програми што ги афирмираат насилството, криминалот и агресијата“.

На листа на барања на слабата српска опозиција е и смената на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, на директорот на безбедносно-разузнавачката агенција БИА, Александар Вулин, откако под притисок на јавноста веднаш по пукањето во училиштето оставка поднесе министерот за образование Бранко Ружиќ, кој беше обвинет затоа што на прес-конференцијата масовното убиство извршено од 13-годишникот им го припиша на „западните вредности“, кои доаѓаат преку социјалните мрежи.