Турција
Новоименуваниот турски министер за финансии Нуредин Небати беше оптимист во текот на ексклузивното интервју за Никеи Азија во Анкара, велејќи дека високата инфлација во земјата го достигнува својот врв и дека така ќе биде до април.
Во наредниот период нема да има уште многу зголемувања на цените од страна на Владата. Имаме една конечна корекција на цената на природниот гас од страна на Владата и цените на храната имаат тенденција да растат во текот на месецот Рамазан, во април оваа година – рече Небати, објаснувајќи зошто верува дека инфлацијата ќе го достигне врвот во април.
„Туркстат“, институтот за статистика на земјата, во четвртокот објави 48,7 отсто зголемување на индексот на потрошувачките цени во јануари во однос на истиот месец претходната година – со најбрзо темпо од април 2002 година. Бројката е зголемена од 36,1 отсто во декември.
Небати рече дека Турција има „сериозен проблем со инфлацијата“, но дека и остатокот од светот се соочува со слични проблеми.
Очекуваме високата месечна инфлација да достигне максимум во јануари, а потоа ќе го задржи своето ниво некое време. Налето ќе почне да закрепнува и радикално ќе се намали во декември, поради базниот ефект – рече тој.
Небати додаде дека очекува лирата да се стабилизира оваа година, по неколкумесечни турбуленции.
Бидејќи лирата значително ја загуби својата вредност, за околу 45 отсто минатата година, не очекуваме дополнителни негативни движења во лирата, па, оттука, и не очекуваме понатамошна депрецијација – рече Небати, додавајќи дека нема да има песимизам во Турција во однос на стапките на девизниот курс.
Откако лирата изгуби 45 отсто од својата вредност во однос на доларот минатата година, владините мерки, објавени на 20 декември – поддржани од она што економистите го гледаат како индиректни интервенции на централната банка – помогнаа да се стабилизира лирата на околу 13,3-13,5 во однос на доларот досега оваа година.
Во меѓувреме, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја зголеми својата инвестиција во Турција на рекордни две милијарди евра во 2021 година, поддржувајќи ги закрепнувањето на приватниот сектор од ковид-19 и „зелената“ промена на земјата. Повеќе од 85 отсто од финансирањето на банката беа насочени кон приватниот сектор, а 55 отсто беа посветени на проекти што ја поддржуваат одржливоста. Според соопштението на банката, освен што самата финансираше, ЕБОР мобилизира речиси рекордни 572 милиони евра за турската економија од други извори во 2021 година.
Забрзаните разговори меѓу Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет, Израел, Саудиска Арабија и Ерменија би можеле да доведат до нови економски договори за време на контактите на високо ниво, кои се очекуваат во февруари и следните месеци.