Софија во исчекување на позитивни сигнали од Холандија и Австрија / Фото: Игор Бансколиев

Бугарија

Бугарија и Романија се борат за членство во шенген-зоната, но Холандија и Австрија продолжуваат да го блокираат процесот, наведувајќи ја недоволната контрола на нерегуларните миграциски текови како проблематична. Холандија и Австрија го блокираа членството на Бугарија во шенген, додека Романија беше блокирана само од Австрија. Како што е познато, шенген-зоната е област што се состои од 27 европски земји, кои официјално укинаа многу пасоши и многу други видови гранична контрола на нивните меѓусебни граници.
Наспроти ваквото противење на двете членки на ЕУ, бугарскиот премиер Николај Денков во неделата оптимистички најави дека Бугарија годинава ќе има две можности за влез во безвизната шенген-зона – во октомври и во декември.
– Сепак, не можам да гарантирам дека ќе станеме дел од шенген во октомври – призна бугарскиот премиер, мислејќи на предизборната кампања во Холандија.
Проблемот е што Холандија, заедно со Австрија, продолжува да се противи на бугарското членство, остро забележувајќи дека Бугарија не прави доволно за да ја спречи нерегуларната миграција преку надворешната граница на ЕУ со Турција.
Од своја страна, Денков е уверен дека шпанското претседавање со Советот на ЕУ ќе им помогне на Бугарија и Романија за членство во шенген, истакнувајќи дека следната шанса за двете земји ќе биде во декември.
Претходно во 2023 година, Холандија почна да дава дипломатски сигнали дека може да го укине ветото за Бугарија, што би ја оставило Австрија изолирана во ЕУ по ова прашање. Една од причините беше судската реформа во Бугарија и одлуката на Комисијата да го прекине механизмот за соработка и верификација (ЦВМ) во двете балкански земји. Но на почетокот на јули, коалициската влада на Марк Руте во Холандија поднесе оставка откако коалициските партнери не се согласија за имиграциската политика на земјата, па така, пропадна надежта на Бугарија за укинување на блокадата. Р.Б.