Загреб

Хрватска

Кризата тешко ќе погоди околу 60 отсто од Хрватите. Тоа е констатација на истражувањето на специјализирани агенции во Хрватска објавено во јавноста, односно во медиумите. Генералниот заклучок е дека во Хрватска ова се случува поради влијанието на инфлацијата и растот на цените на енергијата, а како поддршка на таа информација е дадена споредбена, со Германија, во која се тврди дека „дури и во богатата Германија, средната класа, која сочинува околу 50 отсто од населението, се плаши од колапс“.
Во јавноста силно одекна изјавата на реномираниот социолог Мирко Петриќ од институтот „Иво Пилар“, кој го постави прашањето: „Ако е ваква ситуацијата во Германија, што ја чека Хрватска?“ Тој се обиде да одговори на прашањето, констатирајќи дека „кризата тешко ќе погоди околу 60 отсто од населението“. Социологот Петриќ посочува дека фактот што има толку висок процент од населението во Германија што се смета себеси за средна класа, веројатно, се должи на фактот што тамошната социјална држава сè уште не е демонтирана толку многу како во некои други западни земји. Притоа тој објаснува дека глобалните нарушувања ќе влијаат и на деловната активност и приходите на новата средна класа: на некои им се заканува пропаст, додека други полесно ќе ги апсорбираат сите удари и од старата средна класа и од оние на дното. Но клучното прашање за него, всушност, е што ја чека Хрватска.

– Иако класната структура на хрватското општество е различна од класната структура на германското општество, влијанието на кризата врз различните класи и нивните фракции, веројатно, ќе се одрази слично на Германија. Јасно е дека со кризата, и покрај нарушувањата во бизнисот, еден процент од супербогатите ќе заврши најлесно, а најтешко ќе биде за околу 60 проценти од населението што припаѓа на класата на сиромашните во Хрватска.
Сиромаштијата во Хрватска е и регионално распределена: оние што живеат во јадранскиот појас поради придонесот на туризмот и приходите што ги носи тој покрај редовните приходи, дефинитивно полесно ќе ја надминат кризата отколку аграрното население на северот и на истокот на земјата. Ова е дотолку повеќе што може да очекуваме подолго или пократко доцнење на дознаките од странство, кои младите луѓе што работат во странство ги испраќаат во аграрните и деиндустријализираните делови на земјата. Многумина од нив најавуваат враќање во Хрватска затоа што не сакаат да работат за комуналии, односно стравуваат од поскапување на енергентите и инфлација дури и повеќе од тамошното локално население – вели Петриќ.

Од нашиот постојан соработник од Хрватска Ангел Митревски