Истражување за јавното мислење во земјите од Западен Балкан ја покажа најголемата загриженост на Балканците
Најголемата грижа на граѓаните на Западен Балкан се корупцијата и организираниот криминал, покажало најновото истражување за тоа што мислат граѓаните од регионот за безбедносните прашања. Резултатите од истражувањето за јавното мислење „Секјурити метер“ беа соопштени од генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брегу, на отворањето на осмата регионална безбедносна координативна конференција во Рим.
– Повеќе од 60 отсто од граѓаните во регионот го оценија организираниот криминал како најголем проблем во областа на безбедноста, кој оди рака под рака со корупцијата, за која 55 отсто од граѓаните сметаат дека е зголемена – соопшти Брегу.
Во врска со прашањето за стравот од миграцијата, 70 отсто од граѓаните се согласуваат дека регионот треба да обезбеди засолниште за мигрантите на кои им е потребна заштита, но 80 отсто сметаат дека Европската Унија мора да направи повеќе за да го сподели тој товар.
– Регионалната соработка меѓу земјите од регионот ужива голема поддршка од граѓаните, имајќи предвид дека 73 отсто од анкетираните сметаат дека продлабочувањето на соработката за контрола на границите на Западен Балкан е начин за управување со илегалната миграција – изјави Брегу.
Податоците покажуваат дека 62 отсто од потенцијалните емигранти од регионот планираат да останат во странство неколку години или трајно.
На состанокот на Регионалниот совет за соработка беше соопштено дека одливот на квалификувана работна сила повеќе не е прашање само за намалување на човечкиот капацитет туку и на безбедност. Според Брегу, миграцијата станува еден од најголемите проблеми на денешницата бидејќи земјите остануваат без население.
– И не е само миграцијата тоа што доведува до доаѓање на мигрантите во нашиот регион, туку и емиграцијата од нашиот регион на Запад. Затоа концептот на итни предизвици драматично се менува. Тој предизвик не вклучува само решавање или спречување конфликти туку ги вклучува и климатските промени и катастрофи, шпионажата, тие се реални проблеми во животот на луѓето – рече генералната секретарка на Советот за регионална соработка.
Подготвил: Митко Јовановски