Јаков Милатовиќ (во средината) со свои сопартијци

Познат победникот на претседателските избори во Црна гора

Црногорскиот политичар и еден од лидерите на движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, е нов претседател на Црна Гора, откако во вториот круг на изборите освои околу 60 отсто од гласовите. Со тоа Милатовиќ стана политичарот што го симна од власта „вечниот“ Мило Ѓукановиќ, кој досега беше актуелен претседател.
Милатовиќ профитира од промената на расположението на 540.000 граѓани со право на глас. По првиот круг тој заостануваше, но во вториот круг беше поддржан не само од своите проевропски настроени поддржувачи туку и од оние на просрпските партии и од оние на Српската православна црква, се вели во првите анализи по изборите.
Јаков Милатовиќ е големото изненадување на овие избори и додека за неговиот политички живот се знае доста, за неговиот приватен живот нема многу информации. Роден е во Подгорица, на 7 декември 1986 година. Завршил економски студии на Универзитетот на Црна Гора во Подгорица, со просечен успех 10 и бил студент на генерацијата. Магистерски студии завршил на универзитетот „Оксфорд“. Работел во Дојче банк во Франкфурт и во Европската банка за обнова во Лондон.
Се смета за реформатор, кратко време беше министер за економија во Црна Гора и победи на изборите за градоначалник во главниот град Подгорица, кој долго време важеше за упориште на Ѓукановиќ.
Смената на долгогодишниот владетел Ѓукановиќ од страна на досега непознатиот млад политичар Милатовиќ веројатно ќе има влијание и на парламентарните избори во јуни. Со оглед на тоа што политичките табори меѓусебно се блокираат, во моментов во Црна Гора има преодна влада. Милатовиќ и неговото движење „Европа сега“ сакаат да го променат тоа, а сакаат и да ги забрзаат преговорите со ЕУ за пристапување, кои се одолжуваат веќе 11 години.
– Вечерва е ноќта што ја чекавме повеќе од 30 години и на сите да ни биде благословена оваа победа. Ова е победа на помирена Црна Гора. Црна Гора вечерва одлучи решително да се збогува со овој застарен режим на Ѓукановиќ и кажа „да“ за европска Црна Гора. Вечерва овде можете да ја видите силата на заедничката Црна Гора, ова е заедничка историска победа – изјави Милатовиќ веднаш по прогласувањето на резултатите.
– Вечерва заедно со сите граѓани им кажавме збогум на корупцијата и криминалот. Никогаш повеќе. Рековме добра вечер на побогата, успешна, европска Црна Гора. Вечерва сакам да кажам дека срцето ми е големо затоа што добив толкава доверба од граѓаните. Ветувам дека навистина ќе бидам претседател на сите граѓани на Црна Гора. Никогаш повеќе нема да нѐ поделат, осиромашуваат, Црна Гора се движи кон земја на правда, доверба, заедништво, европска Црна Гора. Во следните пет години ќе ја внесеме Црна Гора во Европската Унија, ветувам, никогаш повеќе да не војуваме од Црна Гора кон нашите соседи и земјите од Западен Балкан, сакаме европски Западен Балкан. Се збогувавме со последниот диктатор во Европа. Затоа вечерва ќе им кажам благодарам на сите луѓе што во изминатите 30 години го носеа факелот на слободата што блесна вечерва. Црна Гора никогаш нема да ја водат неуспешни и недемократски луѓе – порача Милатовиќ.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, ги коментираше резултатите од претседателските избори во Црна Гора, по што му честиташе на новоизбраниот претседател Јаков Милатовиќ.
– Му честитам на Јаков Милатовиќ за неговиот избор за прв европски претседател во историјата на Црна Гора. Мисијата заврши. На Црна Гора ѝ претстои светла иднина. Ќе работиме заедно за европска, граѓанска и еколошка држава – напиша Абазовиќ на Твитер.