Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најави за санкционирање на контроверзниот повик во хрватскиот парламент

Претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, повтори дека ќе го санкционира повикот „За дом спремни“ во законодавниот дом кога ќе се користи во контекст на НДХ, пренесуваат регионални медиуми. Пред првата седница на есенската сесија на парламентот, на чиј дневен ред се пратеничките прашања до премиерот и членовите на Владата, Јандроковиќ им изјави на новинарите дека очекува типично динамична дебата.

На прашањето дали очекува некои пратеници повторно да извикуваат „за дом спремни“ од говорницата, Јандроковиќ одговори потврдно. По концертот на Марко Перковиќ-Томпсон во Загреб, некои пратеници, охрабрени од огромниот број поддржувачи на тој настан, подоцна во парламентот постојано ги завршуваа своите говори од говорницата со скандирањето „за дом спремни“, без да бидат санкционирани.

Јандроковиќ беше прашан и дали неговата реакција во оваа пригода досега била премногу слаба.
– Ги поканувам сите да погледнат што му кажав на пратеникот Миро Буља откако го направи тоа. Многу јасно реков дека она што го прави не е прифатливо, дека му штети на угледот на хрватскиот парламент и на Република Хрватска, и ги повикав него и сите други да не го прават тоа – кажа Јандроковиќ, повторувајќи дека нема дилема оти тој ќе го санкционира поздравот кога ќе биде на функција во НДХ и на усташкиот режим.

Претседателот на хрватското собрание посочи дека некои пратеници се обидуваат да го пласираат повикот на суптилен начин за да ги заобиколат санкциите.
– Сепак, постојат лукави пратеници што се обидуваат да го спакуваат тоа на таков начин што понекогаш е тешко да се процени што сакаат, но јас ќе се обидам многу внимателно да ги разоткријам оние што провоцираат. Тоа ѝ штети на Република Хрватска – рече Јандроковиќ.

На прашањето дали е изненаден од предлогот на највлијателната опозициска партија, Социјалдемократската партија (СДП), за измена на Кривичниот законик, со цел соодветно санкционирање на симболите на сите тоталитарни режими, Јандроковиќ одговори дека тоа е многу поважно од претходните теми. Тој додаде дека ја отвориле и темата за злосторствата извршени по Втората светска војна. Р.С.