Босна и Херцеговина на тапет во Брисел
Мнозинството лидери на политичките партии претставени во парламентот на БиХ, на состанокот во Брисел постигнале согласност дека ќе бидат посветени на принципите на владеењето на правото, спроведувањето демократски избори, развојот на демократските институции и европската иднина на БиХ. Но медиумите во Сараево пренесуваат изјави од политичарите, кои велат дека во Брисел не бил потпишан никаков документ
На состанокот на политичките лидери на БиХ и претставниците на ЕУ во Брисел е постигнат „политички договор за силен и кредибилен патоказ што ќе ги спроведе реформите во БиХ, со цел напредок кон европска иднина“. Од кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, соопштија дека претставниците на политичките партии во парламентот на БиХ усвоиле договор со кој се повторуваат нивните заложби за „одржување и градење мирна, стабилна, суверена и независна функционална европска држава Босна и Херцеговина, која се состои од Бошњаци, Хрвати и Срби како конститутивни народи (заедно со другите) и граѓани на Босна и Херцеговина составена од два ентитета и округот Брчко“.
Сите согласни за документот, никој не потпишува
Во текстот, поддржан од мнозинството лидери на политичките партии претставени во парламентот на БиХ, се додаваат заложби за посветеност на принципите на владеењето на правото, спроведувањето демократски избори, развојот на демократските институции и европската иднина на БиХ.
Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека лидерите на политичките партии и членовите на претседателството на БиХ изразиле целосна посветеност на почитување на одлуките на меѓународните и домашните судови и дека се обврзале дека ќе работат на ефикасно спроведување на општите избори во 2022 година. Конструктивно да соработуваат за брзо формирање нови законодавни и извршни тела на сите нивоа, во согласност со роковите пропишани со закон.
Медиумите во Сараево пренесуваат дека овој документ го прифатиле сите присутни лидери на политички партии, а воздржани биле две партии. Согласност за документот дале и членовите на претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, Милорад Додик и Жељко Комшиќ.
Лидерот на ДНС, Ненад Нешиќ, соопшти дека одбил да ја потпише заедничката изјава на лидерите, затоа што смета дека „тоа не е во интерес на Република Српска“, додека претседателот на СНСД, Милорад Додик, напиша на Твитер дека „во Брисел не било ништо потпишано“.
Жбаниќ: Во моментот се води фашистичка политика кон Босна и Херцеговина!
За одбележување е уште еден настан што го привлекува вниманието на јавноста во БиХ. Станува збор за доделувањето на филмската награда „Лукс“, на Европскиот парламент и гледачите од сите земји-членки на Европската Унија. Годинашна лауреатка е режисерката Јасмила Жбаниќ за филмот „Кво вадис, Аида“, во кој се раскажува за страдањата од војната во БиХ, а во кој се пренесени и сведоштва од мајките за жртвите во геноцидот во Сребреница. Една од мајките на жртвите е Мунира Субашиќ, која по повод доделувањето на наградата ја изрази својата изненаденост од „Европејците, кои ја дозволуваат војната во Украина“.
– Запрете ја војната, водете грижа за земјите што не се членки на ЕУ, а кои сакаат да бидат дел од Унијата, како Босна и Херцеговина. Ние се соочуваме со српскиот и хрватскиот национализам и доколку ЕУ не го заштити регионот ќе се соочиме со нов судир – вели Субашиќ.
Режисерката Јасмила Жбаниќ вели дека во моментот се води „фашистичка политика кон Босна и Херцеговина“.
– Јас сум во БиХ во графата „други“. Јас сум Босанка и Херцеговка, која не може да го оствари истото право, како Хрват, Србин или Бошњак. Договорот од Дејтон е погрешно конципиран и никогаш не можам да бидам претседателка на БиХ, како и другите припадници од малцинските народи. Јас, која сум од Федерацијата, немам право да гласам за Србин, иако ми изгледа дека е подобар кандидат од другите. Целата приказна за изборните закони е голема манипулација, која има цел промоција на ХДЗ – вели Жбаниќ.