Фото: Принтскрин

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, е оптимист за решавање на кризата во Косово. Тој смета дека не е време за милитаризација туку за преговори и дека Србија не треба да ја враќа војската на Косово. Србија и Приштина не се приоритет, туку целиот Западен Балкан. Здружувањето е неопходно, бидејќи „иднината ќе ви биде подобра во интеграциите, отколку преку разделување“ кажа Ескобар во интервјуто за белградскја Н1.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ескобар, по средбата со претседателот Александар Вучиќ и Мирослав Лајчак денес во Белград, порача дека „постојат елементи на оптимизам“ во поглед на решавање на кризата на Косово, притоа не сакајќи да навлегува во детали на денешните разговори.

– Потребно ни е не само решение за оваа актуелна криза, потребно ни е одржливо решение во контекст на регионалната ситуација. Сакаме оваа криза да ја претвориме во можност не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион- изјави Ескобар.

Тој рече дека САД очекуваат барикадите на граничните премини да бидат отстранети откако беа поставени во сабота. Рокот за отстранување на барикадите не е одреден, но очекува тоа да се направи „во блиска иднина, односно за неколку дена“. Истото важи и за враќањето на Србите во косовските институции.

Во приказната за Србија и Косово, приоритет е да се најде решение за целиот регион, а не само за тие две области, порача тој.

-Западен Балкан е важен дел од евроатлантската заедница, но не е дел од официјалните структури- смета Ескобар.

На прашањето да го објасни заедничкиот настап на земјите од Западен Балкан во сегашните услови во кои Србија не го признава Косово, тој одговори:

-Наместо да се расправаме за издавање државни документи, ајде да разговараме за отстранување на потребата од некои од тие документи. На пример, да има зона за слободна трговија за целиот регион. Да се отвори компанија во Црна Гора и потоа да работите на целиот Западен Балканот. Има можност да се искористи оваа криза за да се најдат вистински решенија за тукашните граѓани- смета Ескобар.

Иднината на двете нации Ескобар ја гледа во ЕУ, што според него ги подразбира „Берлинскиот процес, Отворениот Балкан и сите регионални можности. Тоа ќе ја реши оваа криза и ќе создаде поголеми можности за регионот“.

Тоа подразбира Србија да го признае Косово.

-Став е дека земјите од регионот мора меѓусебно да се признаат и да имаат јасен пат кон Европа – кажа тој.

-Овој регион има подобра иднина заедно отколку одвоено. Ќе имате подобра иднина во интеграцијата отколку преку раздвојување. Благодарение на можностите што ги дава заедничкиот пазар, ќе станете најбрзо растечки регион во Европа. Луѓето од Балканот одат во ЕУ и Америка во потрага по работа, а треба да останат тука. Интеграциите и економијата се вистинското решение – рече Ескобар.

Тој ја потврди синоќешната изјава дека САД се против враќањето на српските војници на Косово.

-Не треба да ја милитаризираме оваа криза. Ова не е моментот да се користи војската, ова е моментот да се користи дипломатија, дијалогот и компромисот, како и имагинација, за да се замисли што носи иднината на регионот- рече Ескобар.

Тој истакна дека изјавата „Косово има безбедносни гаранции од САД“ не е закана за Србија и дека овие гаранции важат и за Србите во северна Митровица.

-Нема да дозволиме никој од Косово да и се заканува на Србија и несакаме закани за безбедноста и стабилноста на северно Косово – рече Ескобар.