Приморските градови на Јадранот заведуваат строг „куќен ред“ пред претстојната сезона
Она што одамна се зборуваше и се најавуваше во Сплит, по сѐ изгледа дека конечно и ќе се реализира. Имено, граѓаните имаа големи забелешки на состојбата во градот, особено во строгиот центар, каде што многумина се однесуваат како што сакаат, не почитувајќи го „куќниот ред“, па честопати и туристите забележуваа дека сликата што ја гледаат не доликува на туристички центар во кој со задоволство доаѓаат.
Како резултат на размислувањата да се заострат мерките и контролата, веќе на првиот ден од годинава во Сплит стапи во сила новата одлука за комунален ред, со која се пропишани поголеми казни за прекршителите. Поради тоа може да се очекува летово, на пример, да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи ако бидат фатени, според казнената комунална такса, ќе бидат казнети во висина од 150 евра. Истата казна од 150 евра е пропишана и за оние што пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е во согласност со одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.
Сплиќаните и нивните гости, туристи, по улиците ќе бидат надгледувани и контролирани од 21 комунален редар, а уште 12 постојано ќе дежураат во зградата на градската управа.
За обележување е дека од август 2020 година, градот Дубровник има слична одлука за комунален ред, а минатата година првите голи туристи платија општински казни од 1.000 куни.
Нема веќе да има банкомати на јавни површини, ниту гласна музика од локалите
Новата сплитска одлука за комунален ред е донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи во сила од 1 јануари годинава.
Според општинскиот управник Јосип Габелица, станува збор за посеопфатна, прецизна и поригорозна одлука за казнување на прекршителите во однос на претходната, а намерата била да се воведе ред во целиот град, особено во делот на културно-историското јадро на градот (зона А). Со општинската одлука се воведе нов концепт на пропишани забрани што се однесуваат исклучиво на зоната А, која има посебна заштита, и на одредби што се однесуваат на подрачјето на целиот град.
Како и во претходната одлука, забрането е поставување банкомати и автомати на површината за јавна употреба, но, како што посочува Габелица, со новата одлука, за разлика од претходната, се овозможува казнувањето да го изврши општинската полиција.
Според новото решение за комунален ред, лице што ќе биде фатено како пие алкохол на јавна површина ќе плати казна од 150 евра, а исто толку ќе треба да плати и лице што полуголо шета низ градот.
Една од најважните измени беше забраната за поставување електроакустични уреди на терасите на угостителските објекти (шанкови) во зоната А, што значи дека на овие места не може да се користат звучници и засилувачи. Како што е наведено во одлуката, дозволено е изведување музика во живо без електроакустични уреди. Секој што нема да го почитува ова правило ќе биде казнет со 1.320 евра, одговорното лице со 300 евра, а физичкото лице со 260 евра. За физичките лица максималната казна е 150 евра, а за потешки прекршоци се пропишани глоби од 300 евра.
Чадорите и тендите унифицирани, само беж и без реклами
Таксативно е наброена и опремата за терасите на угостителските објекти што може да се постават, така што повеќе нема да има лулашки, каучи и седишта што не се во согласност со урбаната опрема, а тендите и чадорите мора да бидат со неутрална беж боја и без реклами.
Ново е и тоа што оние што нудат брза храна не можат да имаат маси и столови на јавна површина, а во центарот на градот е забрането да се нудат разни услуги за туристите, како што беше случај во претходните сезони, кога рестораните нудеа менија.
Некои од терасите на „Народни трг“, култната „Пјаца“, се намалија, а две тезги се отстранети. Досега се отстранети 20 банкомати во зоната А и неколку киосци, а отстранувањето сѐ уште трае.
Со новата одлука за комунален ред ќе се казнува и за многу други прекршоци, фрлање отпад во околината, заземање јавна површина без дозвола, оставање возило без регистарски таблички на јавна површина и кампување на места што не се наменети за тоа.
– Новото решение за комунален ред се обиде да ги опфати сите ситуации што претставуваат или потенцијално претставуваат закана од нарушување на комуналниот ред, уништување на комуналната инфраструктура, уништување на јавните зелени површини или загадување на површините за јавна намена, така што комуналниот ред има способност да казнува за сите прекршоци и да го вратиме просторот во првобитна состојба со услов за одлука. Сакавме попрецизно да ја дефинираме постапката во врска со зоната А за да може побрзо и поефикасно да се одржува комуналниот ред – заклучи Габелица.
Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска