Фото: Игор Бансколиев

На Балканот има 136 проекти што се финансиски поддржани од Кина, кои заедно вредат 36 милијарди долари. Најголемиот градежен проект на Кина на Балканот е изградбата на мостот на Пелешац во Хрватска, преку кој централната власт сообраќајно ќе се поврзе со нејзините најјужни делови. Кинеските инвестиции во овој проект изнесуваат 450 милиони долари, а во трошоците за мостот во Хрватска учествува и Европската Унија

Кина израсна во еден од најголемите инвеститори на Западен Балкан

Инвестициската мапа на земјите од Балканот во последните години добива значителни промени. Ако на почетокот на 21 век многу земји од Југоисточна Европа имаа само две опции, кога стануваше збор за странски инвестиции – Европската Унија или Русија, во последната декада се јави друг и силен инвестициски играч. Имено, Кина израсна во еден од најголемите инвеститори на Западен Балкан. Напливот на евтини финансиски линии за инфраструктурни објекти резултира со изградба на нови патишта, автопатишта, мостови…, а сообраќајната слика во земјите од Балканот значително се смени на подобро. Некои други инвеститори се обидуваа да го намалат значењето на кинескиот наплив на инвестиции, под „изговори“ дека домицилните влади не се справуваат со примената на неекономски критериуми при изборот на инвеститорите.
На Балканот има 136 проекти што се финансиски поддржани од Кина, кои заедно вредат 36 милијарди долари. Најголемиот градежен проект на Кина во ЕУ е изградбата на мостот на Пелешац во Хрватска, преку кој централната власт сообраќајно ќе се поврзе со нејзините најјужни делови. Кинеските инвестиции во овој проект изнесуваат 450 милиони долари, а во трошоците за мостот учествува и Европската Унија. Во Србија, Кинезите учествуваат во изградбата на мостот на Дунав, како и во Црна Гора, каде што повеќе години се ангажирани на изградбата на автопатот Белград – Бар.
Иако Кина сега главно е фокусирана на сообраќајни проекти, таа првиот инвестициски потег на почвата на Европа го направи со преземањето на пристаништето Пиреја, близу Атина, кое Пекинг го смета за главна порта за кинеските производи за европските земји и ЕУ. Кинезите на ова пристаниште развојно гледаат како најголемо за контејнерски транспорт, а во 2021 година тоа го оствари најголемиот промет, кој е за пет пати поголем, од периодот пред да се оствари овој проект. Плановите на новиот менаџмент е во наредните години да се проширува со изградба на нови терминали за прием на контејнерски пратки и на патнички бродови, како и изградба на нови хотели, складишта и други придружни објекти, што ќе овозможи нови вработувања за грчките граѓани.
Сепак, Јоргос Флорас, грчки финансиски консултант, вели дека инвестициите од Пекинг го имаат намалено своето темпо од 2015 година. Тоа не е само поради политиките во Грција туку и појавата на поголема конкуренција за инвестирање во земјата.

– Повеќето кинески инвестиции во Европа не се приватни, туку се од страна на државни јавни компании, па така, треба да се помине низ огромен административен процес, а на тоа надоместува дополнително бавното донесување одлуки на грчките државни компании. Третиот фактор е американскиот. Грција има одлични односи со САД, а САД прават притисоци врз сите влади во светот да ги блокираат кинеските инвестиции. За Кина да може да продолжи да инвестира во Европа, клучен момент е изјавувањето на нејзиниот став за руско-украинската војна – вели Флорас.
Џорџ Тозукопулос, експерт за стратегиски работи и предавач на Европскиот институт во Ница, потенцира дека Грција станува клучен фактор за реализацијата на кинескиот проект „Појас и пат“. Тој смета дека од 2009 година, односите меѓу двете земји еволуираат, но по најновиот развој на настаните во Украина се менуваат глобално и инвестициите кон Грција.
– Од 2017-2018 година, Европската Унија се враќа на балканскиот простор. Брисел не сака битно да ги менува односите со Пекинг. Европската комисија последните години воведе скрининг-механизам за земјите и за сите проекти што ги преземаат тие, прво треба да се консултираат со Европската комисија. Од тој аспект и придобивките за земјите од Балканот се различни, па доколку тие се членки на ЕУ секоја инвестиција мора да се усогласи со интересите на Брисел. Во Грција, моменталните кинески инвестиции се во европските рамки на политика и со сето она што Европската комисија го сугерира. Земјите од Западен Балкан, кои не се дел од ЕУ, се послободни во изборот и можат да склучат договори со кинески компании. Исто така, европските, но и американските компании помалку вложуваат на овие територии. Европската Унија има план од 340 милијарди долари за спротивставување на растечкото кинеско влијание во Европа и другите региони – вели Тозукопулос
Според него, моменталната американска политика придонесе Кина и Русија да работат заеднички на глобален план, но тие не се согласуваат за сите прашања поврзани со Украина и за настаните во Азискиот Регион. Но Кина е важен партнер за Европската Унија, ако се гледа од стратегиски аспект.

– Иако Кина и Русија имаат добри односи една со друга, тоа не значи дека ќе формираат заеднички сојуз. Американските политики во минатото имаат доведено до тоа Русија и Кина да почнат да функционираат заедно, но сепак двете држави не се согласуваат за сѐ. На пример, сепак, Кина е многу значајна за Европа. Глобално ЕУ е за продолжување на врските со Кина, но во кои делови тие ќе бидат конкурентни, а во кои ќе соработуваат зависи од нивните интереси. ЕУ се обидува на Балканот да дејствува преку нови вложувања, но и со политиката за проширување кон Западен Балкан. Конкуренцијата меѓу САД, ЕУ и Кина може да биде и корисна за сиромашните земји од Западен Балкан со можност да привлечат повеќе инвестиции, но во новиот светски поредок не се важни само економските интереси туку повеќе глобалните политики и стратегијата. Важно е да се следи како ќе се движат односите меѓу САД и Кина, кој е главен економски ривал на Вашингтон – заклучува Џорџ Тозукопулос.