Според мислењето на аналитичарите, отсуството на поддршка од муслиманските земји за Босна и Херцеговина е затоа што на босанската страна нема државна политика што со партнерите од муслиманскиот свет ќе гради односи на рамноправна основа

Досегашната поддршка на муслиманските земји наменета за Босна и Херцеговина, во периодот на пандемија на коронавирусот, е симболична. Критичарите велат дека во муслиманскиот свет треба да се градат државнички, а не поданички односи. Обединетите Арапски Емирати во текот на пандемијата испратија помош за Србија, Хрватска и за Црна Гора, но не и за БиХ. Реисот на Исламската заедница за БиХ, Хусеин Хавазовиќ, овој потег на Емиратите го објасни како „последица на меѓусебното неразбирање во политиката“, но додаде дека кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот е „најдобра политика за да се надмине оваа состојба “, пишува „Дојче веле“.

Според мислењето на аналитичарите, отсуството на поддршка од муслиманските земји за БиХ е затоа што на босанската страна нема државна политика што со партнерите од муслиманскиот свет ќе гради односи на рамноправна основа. Директорот на ИФИМЕС, Зијад Бечировиќ, тоа го објаснува преку односите на БиХ и Турција.
– Односите со исламскиот свет во БиХ им се препуштени на Партијата за демократска акција (СДА) и на нејзиниот претседател Бекир Изетбеговиќ, која својата судбина ја врза со турската Партија за правда и развој (АКП и нејзиниот челник Ердоган). Изетбеговиќ и СДА никогаш не изградија државнички односи меѓу БиХ и државите од тој дел на светот, туку тоа повеќе беше меѓупартиска соработка и повеќе во рамките на муслиманското братство. Тоа се покажа поразително за БиХ во овој политички момент – вели Беќировиќ за „Дојче веле“.

Турција во меѓувреме му испрати одредено количество медицински материјал на Црвениот крст на БиХ, а тоа се главно заштитни маски, ракавици и скафандери. Ставот на директорот на ИФИМЕС е дека во актуелниот момент не треба да се бара потпора во Ердоган и неговата политика. За него е невообичаено претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да има поквалитетни односи со владејачките лидери на исламскиот свет, вклучувајќи го и турскиот претседател Ердоган.
Верскиот романтизам на Бакир Изетбеговиќ се покажа недоволно корисен за бошњачкиот народ и за БиХ како држава. Малите држави мораат да водат многу јасна и принципиелна политика кон сите држави и страни на светот. Таква принципиелна политика досега не водел ниеден национален/националистички челник од БиХ, забележува Зијад Беќировиќ.

Есад Дураковиќ, професор на Филозофскиот факултет во Сараево, истакнува дека, покрај арапските земји и Турција, САД и ЕУ имаат долг кон БиХ затоа што „дозволија силна агресија“ во деведесеттите години од минатиот век.
– БиХ денес е најнефункционална држава во регионот, а тоа не е поради нејзина вина. Таа е најранлива во регионот и пред епидемијата од коронавирусот. За жал, ние сме неуредена земја, која објективно не е во состојба да се справи без помош со толку тешка криза. Светот покажува колку е нехуман и некоректен кон нашата земја. Поентата на отсуство на помош од арапските земји треба да се гледа преку отсуството на адекватна помош од целиот свет кон една земја, која до неодамна беше препуштена на агресија. Тоа навистина е нехумано – вели Дураковиќ.

Според него, станува збор за политичка и етичка некоректност, а помошта од арапскиот свет ја заобиколува БиХ и заминува во другите земји од регионот.
– Не стигнува помош од Саудиска Арабија, Емиратите, Катар, Кувајт и од другите земји, кои само вербално искажуваат љубов кон БиХ. Луѓето од овие земји купуваат најдобра земја кај нас и си градат населби за себе, а не станува збор за економски инвестиции. Не е можно а да не се почувствува горчината поради ова, затоа што повторно сме препуштени сами на себе во драматични времиња – вели Дураковиќ.
За него тоа е уште еден клучен доказ како муслиманите во светот генерално не ги уважуваат клучните „препораки“ на исламот, кој опфаќа апсолутна солидарност.