Србија

Во услови на неповолна епидемиолошка состојба поради ширењето на коронавирусот, на социјалните мрежи во Србија се огласуваат понуди за пречек на Нова година во Белград, а веќе може да се прават и резервации за прослави во клубови, сплавови, ресторани, меани и хотели. Покрај организирани прослави, на интернет има и понуди за изнајмување апартмани и куќи за новогодишната ноќ или за одмор за божиќните празници.
Поради епидемијата, изнајмувачите на просторот како услов го наведуваат присуството на најмногу пет лица, во согласност со препораките на здравствените власти во Србија за собирање на луѓето во затворен простор. За објекти со поголема површина и за присуство на десет лица за изнајмување треба да се одвојат 700 евра, објави „Политика“
Половина од износот за изнајмување на просторот се плаќа однапред (три дена по извршената резервација), а остатокот при влегувањето во апартманот. Во случај да се воведе полициски час за новогодишните празници, изнајмувачот го враќа авансот за извршената резервација. Постои можност авансот да се искористи подоцна.
За прославата во белградските клубови и ресторани посетителите ќе мора да носат заштитни маски, кои ќе им се делат на гостите при влезот. За билет на сплавовите, во зависност од местоположбата на масата, се плаќа од 32 до 220 евра за сепаре. Цените во рестораните се движат од 35 до 60 евра.