Фото:ДПА

Околу 1.000 студенти протестираа денеска во Милано поради присуството на агенти на американската Служба за имиграција и царина (ICE) во Италија за време на Зимските олимписки игри во 2026 година.

Собраните на чело на колоната носеа транспарент на кој пишуваше „Милано ве мрази“, а луѓето скандираа „ICE да си замине“ додека маршираа – јавува Анса.

Учесниците на протестот, исто така, го изразија своето противење на затворањето на делови од градот поради, како што велат, „неодржливите Олимписки игри“, посочувајќи на зголемувањето на цените на становите и недостатокот на социјални простори во Милано.

ICE нема да спроведуваат полициски операции на италијанска национална почва, а полицајците ќе бидат ангажирани само во аналитичка работа и размена на информации со италијанските власти за време на игрите – наведуваат организаторите на ЗОИ.

Протестите следеа по инцидентите во САД за време на имиграциските акции во Минеаполис, каде што федералните агенти убија најмалку две лица во јануари, што предизвика голема дебата и критики во САД, пренесува Анса, и откако американскиот Стејт департмент минатата недела објави дека неколку американски федерални агенции, вклучително и ICE, ќе учествуваат во обезбедувањето на американските граѓани што доаѓаат на ЗОИ.

 

Италијанските власти наредија затворање на училиштата во центарот на Милано и го ограничија пристапот до одредени области на градот со цел да се зголеми безбедноста околу церемонијата и да се намали сообраќајниот метеж.

Пјетро Вилхелм Малмшајмер од ломбардискиот огранок на студентската група UdS рече дека е неприфатливо и неоправдано присуството на странска полициска сила обвинета за расизам и убиство да се смета за легитимна во суверена држава.

Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози рече дека нема причина за загриженост, бидејќи претставниците на ICE нема да имаат оперативна улога во Италија.

Еколошката организација „Гринпис“ организираше протест пред Миланската катедрала, критикувајќи ја улогата на италијанската енергетска компанија „Ени“ како спонзор на Игрите, а за подоцна беше најавен протестен марш со факели во близина на местото на одржување на церемонијата на отворање, организиран од Комитетот против Олимписките игри.