Alternative for Germany (AfD)
Фото: ЕПА

Копретседателите на Алтернатива за Германија (АфД) денеска изјавија дека партијата ќе преземе правни мерки против класификацијата на домашната разузнавачка служба за нив како „екстремистичка организација“ – јавија британските медиуми.

– АфД јавно се дискредитира и се криминализира непосредно пред промената на власта – напишаа во соопштението Алис Вајдел и Тино Крупала.

Двајцата копретседатели додаваат дека партијата „ќе продолжи правно да се брани од овие клеветнички наводи кои ја загрозуваат демократијата“.

Класификацијата, која беше објавена претходно денеска, и дава право на домашната разузнавачка служба внимателно да ја следи работата на АфД.

Одлуката е донесена само неколку дена пред инаугурацијата на Фридрих Мерц, кандидатот на Христијанско-демократската унија за германски канцелар, и во време на жестоки дебати за тоа како да се работи со АфД во новиот парламент, забележуваат британските медиуми.