Усвојувањето на Законот за поддршка на продемократските демонстранти во Хонгконг претставува дополнителна ескалација на тензиите помеѓу САД и Кина, чии односи драматично се влошија изминатата година поради трговската војна помеѓу двете земји, наведува „Гардијан“

Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша Законот за поддршка на продемократските демонстранти во Хонгконг, предизвикувајќи остри критики од Кина, која предупреди дека легислативата е полна со предрасуди и ароганција. Со него, кој претходно беше одобрен и од Сенатот и Долниот дом на Конгресот, се предвидени санкции за функционери од Кина и Хонгконг, кои се сметаат за одговорни за кршење на човековите права во кинескиот град со посебен статус. Покрај тоа, законот бара од Стејт департментот секоја година да прави проверка дали Хонгконг има доволно автономија за да ги оправда поволните трговски услови со САД. Усвојувањето и преточувањето на легислативата во закон претставува дополнителна ескалација на тензиите помеѓу САД и Кина, чии односи драматично се влошија изминатата година поради трговската војна помеѓу двете земји, наведува „Гардијан“.

– Ова е чисто мешање во внатрешните работи на Кина. Овој закон, кој беше отфрлен од целиот кинески народ, вклучувајќи ги и сограѓаните во Хонгконг, е полн со предрасуди и ароганција. Со него се упатуваат закани и заплашувања кон Хонгконг. Таквиот чин само ќе им помогне на кинескиот народ и на сограѓаните од Хонгконг да ги разберат злите намери и хегемонистичката природа на САД. Американскиот заговор е осуден на неуспех – се наведува во соопштението на кинеското МНР.

Покрај тоа, Пекинг го повика американскиот амбасадор Тери Бренстад, вторпат во текот на една недела, за да побара Вашингтон да престане со мешањето со кинеските внатрешни работи. Кина исто така се закани дека ќе одговори со цврсти контрамерки, иако не посочи кои ќе бидат наредните чекори.
Трамп исто така го потпиша и вториот закон, што беше изгласан во Конгресот, со кој се забранува извоз на муниција за контрола на толпи – солзавец, гумени куршуми и електрични пиштоли – за полицијата во Хонгконг.

– Ги потпишав овие закони од почит кон претседателот Си, Кина и народот на Хонгконг. Тие се усвоени со надеж дека лидерите и претставниците на Кина и на Хонгконг ќе можат да ги надминат нивните разлики, што ќе доведе до долгорочен мир и напредок за сите – се наведува во соопштението на американскиот претседателот.
Од друга страна, Владата на Хонгконг порача дека се противи на законите и оти тие ќе им наштетат на односите помеѓу градот и САД, како и тоа дека ќе испратат погрешен сигнал до демонстрантите. Владата ги смета демонстрантите за насилни „бунтовници“, што го туркаат градот кон колапс.

Познавачите на состојбите сметаат дека законот ќе им наштети на бавните преговори за трговски договор помеѓу САД и Кина, кој е приоритет на Трамп пред претседателските избори во 2020 година. Шефот на Белата куќа тврди дека двете страни се на чекор до постигнување согласност за првата фаза од трговскиот договор. Трамп првично се двоумеше дали да го потпише или да стави вето на законот, додека, пак, Пекинг бараше тој да ја отфрли мерката, предупредувајќи дека станува збор за отворено мешање во внатрешните работи на земјата. Републиканскиот сенатор Марк Рубио ја поздрави одлуката на Трамп.

– САД сега имаат нова и моќна алатка за спречување понатамошно влијание и мешање на Пекинг во внатрешните работи на Хонгконг – порача Рубио.

Трамп минатата недела дури и се пофали дека самиот го спречил Пекинг да ги растера демонстрантите со милион војници, додавајќи дека му порачал на кинескиот колега дека таквиот чекор ќе има големо негативно влијание врз трговските преговори.

Усвојувањето на законот се случува во период на сѐ погласни критики за односот на Кина кон ујгурското и другите претежно муслимански малцинства во провинцијата Ксинјанг, откако во јавноста беа објавени доверливи владини документи со детали за притворните центри и затвори во земјата. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео во вторникот порача дека извештаите само ги потврдуваат обвинувањата до кинеските власти, за нивното кршење на човековите права и малтретирањата во притворните центри.