Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, веројатно ја има една од најлошите недели во неговиот живот, а допрва е само вторник, пишува „Блумберг“. Тоа се должи на претрпените финасиски загуби на Закерберг по падот на социјалните мрежи и изнесените информации за работата на „Фејсбук“ од страна на укажувач.

За време на падот на неговите платформи, кој траеше околу шест часа, Закерберг загубил шест милијарди долари, по што падна неколку места подолу на листата на најбогати луѓе во светот. Згора, сведочењето на поранешна вработена во компанијата, која сега е укажувач за практиките на „Фејсбук“, резултираше со вчерашниот пад на акциите на технолошкиот гигант што дополнително го намали богатството на Закерберг до сума од 121,6 милијарди долари. На тој начин, Закерберг се најде зад Бил Гејтс на петтото место во индексот на милијардери на „Блумберг“.

Поранешна вработена во „Фејсбук“, Френсис Хауген, во неделата гостуваше во емисијата „60 минути“ на американската телевизија „Си-би-ес“. Таа ја обвини компанијата „Фејсбук“ дека го става приоритетот на профитот пред безбедноста на корисниците. Хауген исто така предаде илјадници документи на американските законодавци и на „Волстрит џурнал“, кои минатиот месец објавија серија написи фокусирани на борбата на „Фејсбук“ со објавуваните содржини, лажните вести поврзани со упадот во американскиот Конгрес, давањето на приоритет на профитот и на успехот на компанијата наспроти општото добро, како и негативното психолошко влијание на Инстаграм врз менталното здравје на тинејџерите.

– Она што постојано го гледав на „Фејсбук“ беше судир на интереси помеѓу она што е добро за јавноста и она што е добро за самата компанија. „Фејсбук“ константно избираше да се постапува за доброто на сопствените интереси, односно како да заработи повеќе пари – рече Хауген за време на гостувањето во емисијата.

Хауген била ангажирана во 2019 година за да се справи со дезинформациите што кружат на социјалната платформа Фејсбук. Таа тврди дека компанијата лаже дека напредува во борбата против омразата, насилството и дезинформациите кои кружат на платформата.

Во подготвено сведоштво за „Ројтерс“, Хауген направи паралела на ситуацијата со „Фејсбук“ со онаа на тутунските компании кои долго негираат дека пушењето е штетно за здравјето. Хауген, исто така, треба да сведочи пред поткомитетот на американскиот Сенат.

– Кога сфативме дека тутунските компании ги кријат штетите што ги предизвикува пушењето, владата презеде акција. Кога сфативме дека автомобилите се побезбедни со носење појаси, владата презеде акција. Ве молам да го сторите истото и овојпат – се вели во писменото сведоштво на Хауген.

Во зависност од тоа како членовите на комитетот ќе реагираат на нејзиниот повик, досегашните потешкотии би можеле да бидат само дел од низата неволји кои допрва ќе ги стигнат Закерберг и „Фејсбук“.