Популистичкиот политичар и осуден киднапер Садир Џапаров оствари убедлива победа на претседателските избори на Киргистан одржани завчера, која беше резултат на незадоволството против претходната влада, објавува „Њујорк тајмс“.

Тој освои речиси 80 отсто од гласовите според државната изборна комисија на Киргистан. Повеќе од 80 отсто од гласачите го поддржаа и предлогот на Џапаров за редистрибуција на политичката моќ од парламентот кон предтседателот.

Во септември минатата година, 52-годишниот Џапаров беше во затвор каде што отслужуваше казна за организирањето на киднапирањето на локален гувернер. Џапаров го отфрли ова обвинување како политички мотивирано. Во насилниот бунт кој изби во октомври поради оспорените парламентарни избори, Џапаров беше ослободен од затвор и поставен за премиер на Киргистан.

Неколку дена подоцна тој го презема извршувањето на претседателската функција, поднесувајќи оставка за официјално да се кандидира за претседател. Главното судско тело на Киргистан набргу ја поништи осудителната пресуда за Џапаров.

Џапаров се обиде да изврши консолидација на киргистанското општество во рамки на неговата претседателска кампања, истакнувајќи дека на Киргистан му е потребна политичка стабилност. Поранешната советска република со 6,3 милиони жители искуси политички немири во повеќе наврати. Тројца поранешни претседатели беа насилно симнати од власт.

Критичарите сметаат дека новиот претседател е корумпиран националист кој има врски со организираниот криминал. Експертот за Централна Азија, Аркадиј Дубнов, го опиша Џапаров како „популистички Робин Худ“ кој дојде на власт со ветувањето дека ќе донесе подобрување за народот.