Голем број светски публикации во моментов ја анализираат можноста дали реискористувањето на нуклеарните капацитети за производство на електрична енергија е најдоброто решение за стопирање на штетните емисии во воздухот и климатските промени
Глобалното затоплување наложува трансформација на енергетскиот сектор
Нуклеарната енергија и дефинитивно не е решение за климатските промени, а истата таа и понатаму останува да биде ризична и скапа технологија за светот. Иако енергијата што се добива од нуклеарни централни се смета за главно „чиста“, барем од аспект на емисии на стакленички гасови, во моментов таа не е доволно поддржана од владите глобално, а иновациите во атомската енергетика одат пребавно во однос на брзото темпо со кое се загрева планетата поради климатските промени. Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува угледниот магазин „Форин аферс“, кој пишува дека на човештвото му истекува времето во однос на декарбонизацијата на енергетскиот сектор. Според магазинот, иако поборниците на тезата дека нуклеарната енергија може да нѐ спаси од глобалното затоплување поради помалите трошоци и релативниот технолошки напредок во оваа сфера на некои моќни земји, сепак климатските промени, како зголемувањето на нивото на морињата, сушите, екстремните временски услови, закиселувањето на океаните и слично, веќе направиле премногу штета на животната средина поради која дури и најсовремената нуклеарна технологија нема да биде од помош.
– Со оглед на економските трендови за постојните централи и оние во изградба, нуклеарната енергија не може да има позитивен ефект на климатските промени во наредните десет или повеќе години. Бидејќи е потребно долго време да се развијат целосни инженерски прототипови на нови напредни дизајни и потоа дополнително време за да се изградат производствената и потрошувачката основа за нуклеарната енергија за истата таа да стане поконкурентна. Сево ова говори дека многу се мали шансите дека со нејзина помош значително ќе се намали влијанието на јаглеродните емисии во светот дури за 20 години – пишува „Форин аферс“.
Капиталните трошоци за нуклеарна енергија енормно високи
Во меѓувреме западните медиуми пишуваат дека со помош на нуклеарната енергија денес во САД се произведуваат околу 20 отсто од вкупната струја, но индустријата многу години се бори да биде економски исплатлива. Една анализа на „Лазард“ од лани во октомври покажува дека во САД капиталните трошоци за нуклеарна енергија се повисоки од речиси сите други технологии за производство на струја. Неколку напори се во тек за зголемување на ефикасноста на нуклеарните реактори и исто така да бидат поконкурентни со други форми за производство на струја што можат да ги намалат јаглеродните емисии. Секој од овие дизајни се соочува со низа логистички и регулаторни пречки.
– За производство на новите реактори се предлага тие да бидат помали и да користат разни видови гориво, супстанции за ладење и модератори. Еден од овие нови дизајни, малиот реактор „Нускејл“ на вода може да произведе 77 мегавати струја, е веќе во процес на добивање дозвола од страна на американската регулаторна комисија за нуклеарна енергија. Централата се очекува да биде ставена во функција до 2027 година во Ајдахо, што ако се пресметаат времето, средствата и напорите таа да биде пуштена во употреба, ќе се заклучи дека пребавно се движат работите за декарбонизацијата на енергетскиот сектор – оценува анализата на „Лазард“. Паралелно на ова, други експерти мислат дека многу повеќе ветуваат гасните реактори на високи температури, кои користат хелиум за ладење и графит наместо вода како модератор.
Според американските медиуми, овој тип нуклеарна технологија за производство за енергија во моментов не е доволно испитана и претставува потенцијална опасност по претприемачите што се занимаваат со воведување нови изуми за производство на нуклеарна енергија во централите. Дури и да се решат овие незгодни проблеми, овие мегапроекти во иднината се соочуваат со предизвици во однос на програмското управување, контролата на квалитетот и регулаторната политика што резултира со постојани одложувања.
Нема магично решение
Од сите овие причини, нуклеарната енергија не може да биде магично решение на краток или на среден рок за климатските промени, оценува „Нешенл интерест“. Со оглед на тоа колку економски, технички и логистички пречки стојат на патот за градење побезбедни, поефикасни и поконкурентни реактори, нуклеарната енергија нема да може да ги замени другите форми на производство на струја доволно брзо за да се постигнат потребните нивоа на намалување на емисиите за да се спречат најлошите ефекти од климатските промени. За иновациите во дизајнирањето на реакторите и нуклеарните горива сè уште се потребни значително истражување и владина поддршка. Сепак, покрај нејзините ограничувања, нуклеарната енергија сè уште има одреден потенцијал да ги намали емисиите на јаглерод.