Доналд Трамп е погрешен претседател за САД и Американците мора да гласаат за Џо Бајден, доколку сакаат да ги одржат најосновните услови за функционално општество, изјави поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, во говорот подготвен за Националната конвенција на американската Демократска партија, која се одржува виртуелно поради коронавирусот.
– Трамп имаше повеќе од доволно време да докаже дека е во состојба да ја извршува должноста претседател, но тој очигледно е до гуша во проблеми и не е дораснат за тоа. Можеме да ставиме крај на овој хаос ако гласате за Џо Бајден, исто како вашите животи да зависат од тоа – истакна Мишел Обама во обраќањето, снимено однапред во нејзиниот дом.
Критикувајќи го републиканецот Трамп за економските проблеми на земјата, немирите што избувнаа низ САД поради системски расизам и недостиг на американско лидерство на светската сцена, Обама рече дека, за разлика од него, демократот Бајден е пристоен човек кој знае што е потребно „за да се спаси економијата, да се спречи пандемијата и да ја води нашата земја“, наведува АП.
Реагирајќи на најавите дека говорот на Мишел Обама ќе биде снимен однапред за потребите на конвенцијата на Демократската партија, Трамп истакна дека неговото обраќање на Републиканската национална конвенција ќе биде во живо.
– Кој сака да го слуша говорот на Мишел Обама од снимка – праша Трамп на предизборниот митинг во американската сојузна држава Висконсин.