Вашингтон – Американски борбени авиони пресретнале руски авиони и бомбардери двапати на 10 јуни на брегот на Алјаска, соопшти американската команда за воздушна одбрана, пренесува Си-ен-ен. Како што информира американскиот медиум, два руски бомбардера „ту-95“, два руски борбени авиона „су-35“ и авион за рано предупредување „А-50“ дошле на 32 километри од брегот на Алјаска. Според американската телевизија, тоа бил првиот инцидент, додека во вториот имало два авиона „ту-95“ и „А-50“, кои исто така биле на 32 километри од Алјаска.

Москва – Русија пријави 8.779 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата во таа земја достигна повеќе од половина милион, јавија руските агенции. Според „Спутник“, вкупниот број на случаи на ковид-19 во Русија во моментов е 502.436. Русија е трета земја во светот според бројот на заразени, по САД и Бразил, но има релативно мал број на смртни случаи во споредба со бројот на заразени и во однос на другите земји.

Пјонгјанг – Северна Кореја соопшти дека САД немаат право да ги коментираат односите на двете Кореи, како и дека е во интерес на Вашингтон да молчи ако сака претстојните претседателски избори да поминат без проблеми. Ова официјален Пјонгјанг со соопшти откако Стејт департментот објавил дека е разочаран што Северна Кореја ја прекинала комуникацијата со Јужна Кореја, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на КЦНА.

Вашингтон – Бројот на потврдени инфекции со коронавирус во САД надмина два милиони. Ова, според експертите, се должи на олабавувањето на рестрикциите пред нешто повеќе од две недели, пренесува Ројтерс. Сојузната држава Аризона на 10 јуни забележа рекорден број на пациенти откако туристичките места беа преполни кон крајот на мај. Тексас, Флорида и Северна Каролина, кои беа меѓу првите држави што ги олеснија мерките, исто така, објавија рекорден број новоинфицирани.